„Спротивноста на нештата“ на Словенско младинско гледалишче вечерва на МОТ

156

Во рамки на програмата на 45. Млад отворен театар вечерва (1 декември) онлајн ќе се изведе претставата „Спротивноста на нештата“ на Словенско младинско гледалишче, со почеток од 21 часот.

„Најредовниот гостин на МОТ, од самите почетоци на фестивалот. Словенско младинско гледалишче – омилениот театарски ансамбл на нашата публика, овојпат со ‘Спротивноста на нештата’, во режија на Борис Никитин. Во своите дела, Никитин ги истражува границите помеѓу реалноста и фикцијата, документот и неговиот фалсификат и претпочита да ги разнесува овие категории. Вака создадениот театар е суров, груб, фронтален и директен. Прекумерното реагирање, пародијата, провокацијата и субверзивното играње со границите помеѓу реалното и лажното станаа фино подесени реквизити за популизам во натпревар за политичко внимание. Границите на договореното постојано се поместуваат и се доведуваат во прашање. Како да ја влечеме западната филозофија над дадаистичка јама и прашањето „што е реалност?“ и „кој ја одредува?“ ќе стане гориво за следниот престап. Нефикција во трескавична состојба, пародија како парадигма на нашето време! И последиците, како и секогаш, реални: победа на избори, предизвикување кризи, донесување политички одлуки, војни, продажба на производи. Жртва на ова е малиот човек и неговата веројатно најголема политичка способност: неговата ранливост. Ранливоспособност. Како може да се справиме со сето ова на сцената, овој веројатно најдвосмислен простор што еволуцијата го има создадено некогаш? Можеби само како лоша шлаканица, како спротивставување на нештата“, посочуваат од МОТ кон претставата.