Спомениците, фонтаните, шпанските скали и сплавовите избришани во ревидираниот ДУП „Мал ринг 1“

786

Во новиот ДУП „Мал ринг 1“ отстранета е и катната гаража во внатрешноста на блокот зад зградата на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“. Споменикот на Мајка Тереза, на спојот на улица „Орце Николов“ и плоштадот „Македонија“ останува бидејќи има активно одобрение за градба, а останува и катната гаража зад Собранието, затоа што за неа се води судска постапка

 

Фонтаните и спомениците со обележја на Александар Македонски, како и на Филип Втори, исто така и сплавовите во реката Вардар, скулптурите, повеќе ги нема во новиот ревидиран детален урбанистички план „Мал ринг 1“ кој е на јавна анкета пред граѓаните на Центар.

Од Општина Центар појаснуваат дека скулптурите не смееле да се појават во урбанистичкиот план, особено не да се оформуваат посебни градежни парцели за нив. Според тоа, и трите неизградени сплавови нема да може да се реализираат.

Во ревидираниот ДУП „Мал ринг“ повеќе ги нема и скалите од објектот „Шпански скали“ кои ќе зафатеа дел од Градскиот плоштад, но објектот, како што информираат од Општина Центар, останува поради судската постапка која е во тек. Исто така, отстранета е и катната гаража во внатрешноста на блокот зад зградата на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“.

– Споменикот на Мајка Тереза, на спојот на улица „Орце Николов“ и плоштадот „Македонија“ останува бидејќи има активно одобрение за градба, а останува и катната гаража зад Собранието, затоа што за неа се води судска постапка – објаснуваат од Центар.

Од Општина Центар наведоа дека нема да може да се прошират објектите од „Сити Галери“ до ГТЦ врз јавниот простор со доградба и надградба, на начин како што е проширен „Сити Галери“, а истото важи и за зградата на Метропол.

Притоа, избришана е обврската за сите нови објекти и реконструкции на постоечките објекти да мора да се прават во предефинирани стилови како барок, класицизам итн. и можноста со реконструкциите на фасадите да излегуваат од градежните линии и да навлегуваат до 1,2 метри во јавниот простор. 

– Во претходниот план на јавно земјиште беа оформени 20 мали парцели од по 7 квадратни метри за киосци, во новиот план 15 од нив се избришани и тоа земјиште ќе остане јавен простор. Пет се задржани бидејќи земјиштето е веќе отуѓено – објаснија од Општина Центар и додаваат дека со ревидираниот план, зголемена е површината под јавен простор наспроти површината под парцели.

Во новиот план е запазена обврската за 20 проценти зеленило во парцела според одредбите на Законот за урбано зеленило, како и задолжително обезбедување на паркинг за возила и за велосипеди во сопствена парцела за сите објекти кои ќе се градат.

– Од вкупно 167 парцели можност за развој имаат само 18 и за нив ќе важат овие нови правила. Ова не се новооформени површини за градба, туку се преземени од претходниот план – прецизираат од Општина Центар. 

Според општинските власти, разликата во новиот план е што онаму каде има парцели во државна сопственост, или доминантно државна сопственост, се предвидува или зеленило, или објекти од културата кои недостасуваат, или државни институции, наместо домување како претходно.

– Таков е случајот со парцела зад Собранието, каде на местото на објекти за домување со катност П+2+Пк (како што било предвидено со претходниот план) ќе може да се изгради објект со намена култура со катност П+1 на парцелата во државна сопственост. Слично, во блок 5, ќе може да се изградат објекти од културата и државни институции на места каде претходно биле предвидени објекти за домување на државно земјиште. Останатите 149 парцели (објекти) остануваат во постојна состојба и можат само да се санираат, пренаменат и реконструираат – децидни се од Општина Центар и додаваат дека се прави обид целиот строг центар да стане пешачка зона со режимско користење на возила.

Оттаму нагласуваат дека од целиот кварт, само улицата „Димитрие Чуповски“ е решена како класична улица со коловоз и тротоар. Во остатокот, пешаците би имале предност, а влезот на возила ќе биде регулиран – објаснуваат општинските власти.

Согласно со поделбата на градските квартови од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, границите на Мал ринг се променети, поточно она што во претходниот план беше Централно градско подрачје на Град Скопје Мал ринг, сега е поделено на 2 дела: Ц01 – јужно од Вардар (планот што е на јавна презентација сега) и Ц03 – северно од Вардар.

Планот е изложен во месната заедница „Мирче Ацев“, од 6 до 31 јули, а исто така е достапен и на веб-страницата на Општина Центар. Граѓаните може да имаат увид во целокупната документација на предлог-планот и да пополнат анкетен лист. Јавната презентација ќе се одржи во Салата за состаноци на Општина Центар, барака 6 на 22 јули (среда) во 10 часот.

(А.П.)