Спасовски: Со Законот за кривична постапка целосно се усогласуваме со европското законодавство

20

Заедничката соработка и координацијата меѓу полицијата, обвинителството и судството е суштинска за работењето, но и за резултатите од криминалистичките истраги, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во обраќањето на трибината „Криминалистички истраги (предистражна постапка) – координација и соработка со јавното обвинителство“ на Факултетот за безбедност.

Обраќајќи се пред присутните, Спасовски рече дека оваа тема е суштинска, бидејќи од неа започнуваат сите дејствија што подразбираат собирање докази за веројатноста за стореното кривично дело и неговиот сторител, а сите собрани и обезбедени докази во текот на предистражната постапка што ја потврдуваат основаноста на сомнението, водат кон одлуката за покренување, односно спроведување на казнена постапка или, во спротивно, нејзино запирање.

– Верувам, сите тука ќе се согласиме, дека со донесувањето на Законот за кривична постапка, всушност, се воспостави оној нужен фундамент во кривично-правната сфера, чиј што придонес можеме да го согледаме не само преку модернизирањето на кривичната постапка во насока на целосно усогласување со европското законодавство, туку пред сѐ, во конкретното зајакнување на ефикасноста на кривичноправниот систем, особено при гонење на разните видови на сериозен криминал, корупција, финансиски криминал, недозволена трговија со дрога,  трговија со луѓе и сите други облици на организиран криминал, додаде Спасовски.

Според него, станува збор за круцијални систематизирани законски начела во истражно-обвинителскиот сегмент на спроведување на законите, кои што, дефинирајќи ги и регулирајќи ги надлежностите на институциите – полицијата и обвинителството –  од една страна претставуваат поголема гаранција за почитувањето на правата на граѓаните, но истовремено се етаблираа и како современа нормативна алатка за поголема ефикасност за органите на прогонот.

Дотолку повеќе, додаде Спасовски, ако се има предвид фузионирањето на полициската и обвинителската истрага во еден синхронизиран систем, или попластично кажано, синџир на регулирани мерки и активности, стандардизиран согласно најдобрите практики и искуства од оваа област.

– Притоа, говорејќи од аспект на Министерството за внатрешни работи, преку воведувањето на низата законски механизми, како на пример институтот – криминалистичко истражување, како полициска активност со примена на полициските овластувања или поквалитетно прецизирање на другите видови полициски овластувања, како што се – лишување од слобода, прикриено полициско дејствување, влегување во туѓ дом и други затворени простории, препознавање, полиграфско тестирање и друго – ние практично се стекнавме се објективни можности за уште поквалитетно извршување на полициските обврски и надлежности, рече министерот.

И тоа подеднакво, додаде Спасовски, како во смислa на бескомпромисно исполнувањe на обврските пропишани со закон, така и во смисла на почитување на полициските надлежности, минимизирајќи го евентуалниот сомнеж во нивната законита оправданост. Особено низ призмата на јавната опсервација на полициското постапување, имајќи го предвид особено почитувањето на човековите права и слободи.

Спасовски нагласи дека полицијата релативно брзо и успешно ги прифати и имплементираше тие законски начела, секако, во тесна соработка со обвинителството. Меѓутоа, рече тој, факт е дека квалитетот на еден закон или група закони од една област, како во случајов законите кои го регулираат кривично-правниот сегмент, не зависи само од квалитетот на напишаните одредби, нивната усогласеност или прецизност, туку и од нивната практична примена во секојдневното функционирање на надлежните институции. Во крајна линија, додаде, токму искуствата од практиката се тие кои ја даваат оценката за ефикасноста и ефективноста на законите, отворајќи простор за сите детектирани, а реално потребни надградби, усогласувања, дополни и слично.

– Во тој контекст, дозволете ми да истакнам дека денешнава трибина, односно нејзиниот тематски фокус на криминалистичките истраги, со акцент на предистражната постапка, ги разбирам токму како конкретно и полезно институционално и академско декларирање на неопходноста од квалитетна опсервација на сите елементи на кривичната постапка. Притоа, преку стручен увид од досегашните практични искуства, очекувам да се дојде до реална анализа на потенцијалите на законските механизми што постојат, што ни се дадени за примена. Истовремено, верувам дека денешните стручни дискусии и дебати сосема извесно ќе изродат и нови идеи и предлози кои ќе можат да најдат свое место во натамошната практика во овој исклучително чувствителен, а важен сегмент од кривично-правниот систем. Уште повеќе, што сите сме мотивирани од суштинските начела на законитост, на заштита на човековите права и слободи, на безбедност и сигурност, како базични постулати на она што значи општ, јавен интерес, истакна министерот Спасовски.