Советниците на Град Скопје највисоко платени, но и со најмногу одржани седници месечно

115

Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари, добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот.

Тоа го покажало истражувањето и бaзата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините, што ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Од ЦГК информираат дека по Град Скопје, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од пет илјади денари месечно.

Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит.

Советот на Град Скопје, лани одржал дури 27 седници, што е најмногу од сите општински совети, а најмалку (шест) одржале во Центар Жупа. Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно.

Како што посочува ЦГК, вкупната годишна сума што им се исплатува на 1.319 советници и претседатели на совети изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра.

– Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 посто повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница- наведуваат од ЦУГ.