Со новата еврообврзница од 700 милиони евра ќе се враќа стара од 500 милиони, ќе се купуваат вакцини, ќе се помага економијата…

240

Со 700 милиони евра од осмата по ред издадена обврзница со историски најниската камата од 1,625 проценти ќе се вратат 500 милиони евра од третата издадена обврзницата од 2014 година. Останатите 200 милиони евра ќе се користат за предвидените буџетски расходи, пред се за реализација на економските и здравствените мерки поради корона кризата, односно за набавка на вакцини, лекови и воопшто за здравствениот систем.

Со ова, појаснува министерот зафинансии Фатмир Бесими, нето задолжувањето на државата нема да биде 700 милиони евра, колку што е вредноста на обврзницата, туку само 200 милиони евра. Со оглед на тоа што обврзницата од 2014 година која сега се враќа е со повисока камата, ќесенаправи и заштеда.

– Со новата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата од 500 милиони евра која е со рочност од седум години и камата од 3,975 проценти. По основ на камата за седумгодишниот период ќе се направи заштеда од 82,25милиони евра, посочи Бесими.

Според него, големиот интерес на инвеститорите за оваа еврообврзница е потврда за добрите економски политики и знак дека економијата закрепнува. На аукцијата побарувачката била за 2,3 пати поголема од понудата, односно над 130 меѓународни инвеститори побарувале 1,6 милијарди евра. Историски најниската камата, како што вели Бесими е токму резултат на оваа голема побарувачка. Инаку, каматата на оваа обврзница е за 1,125 процентни поени пониска од каматата на еврообврзницата која досега беше најниска, а во однос на еврообврзницата издадена во 2009 година, која е со најголема каматна стапка од сите наши еврообврзници, оваа има камата пониска за 8,25 процентни поени.

Ова, смета министерот, државата покажала дека за инвеститорите останува многу привлечна во однос на економиите во регионот и има доказ дека инвеститорите имаат доверба во економските политики што се применуваат и тоа во период на најголема економска криза.

-Ако направиме споредба со други економии од регионот и пошироко кои издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка од голем број од нив. Така на пример, минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75 отсто додека другата од 1,125 отсто. Понатаму минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65 отсто. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75 отсто и 5,875 отсто. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253 отсто. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253 отсто. Романија кон крајот на ноември издаде две еврообврзници од милијарда и пол евра со каматна стапка од 2,625 и од милијарда евра со каматна стапка од 1,375 отсто, Турција, исто така, ноември минатата година издаде еврообврзница во износ од 2,3 милијарди евра со каматна стапка од 5,95 отсто и Србија од 2 милијарди евра со каматна стапка од 2,125 отсто, посочи Бесими.

Тој додаде дека кога се носеше буџетот за 2021 година беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568,1 милиони евра, кој се должи главно на потребите поврзани со ковид-кризата, треба да се отплати надворешен долг од 605,6 милиони евра и домашен долг од 99,5 милиони евра по основ на претходно издадени државни хартии од вредност и структурни обврзници.

-Остатокот од средствата ќе се обезбедат преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот пазар, поволни развојни кредити од меѓународни организации и користење депозити кои ги оставивме како резерви (бафери) во 2020 година, потенцира Бесими.

Проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2 отсто, додека јавниот 63,4 отсто.

-Со предвидените мерки за фискална консолидација на среден рок, преку подобрување на наплатата на приходите, реструктурирање на расходите и нови извори на финансирање на буџетскиот дефицит, се очекува јавниот долг да се стабилизира под Мастришкиот критериум, односно во 2025 година тој да изнесува 58,8 отсто од БДП, додека државниот долг 51 отсто, рече Бесими и посочи дека наплатата на приходите во буџетот во февруари се враќа на ниво од преткризниот период.

-Приходите во буџетот од почетокот на годинава заклучно со февруари се на скоро исто ниво како и минатата година, односно пред почетокот на ковид-кризата. Наплатата на даноците изнесува 17,8 милијарди денари и е на исто ниво како лани, додека наплатата на придонесите е 10,4 милијарди денари и е за 1,7 отсто повисоко во однос на лани. Реализацијата на расходите е во согласност со планираната динамика, исто како и реализацијата на буџетскиот дефицит. Во февруари, конкретно имаме раст на наплата на даноците за 3,5 отсто во однос на лани, кај данокот на добивка имаме подобра наплата за 27,7 отсто во однос на истиот месец лани, а кај ДДВ имаме раст од 9,7 отсто. Кај придонесите имаме 4,3 отсто раст во однос на истиот месец лани, потенцира Бесими.

Годинаваочекувањата се дека економијата ќе се стабилизира и ќе се врати на патот на економски раст и развој. На тоа оценува министерот, укажува и довербата која странските инвеститори ја изразија за нашата економија со големиот интерес за купувањена осмата обврзница.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ за два дена, со еврообврзницата и со аукцијата на хартии од вредност премиерот Зоран Заев ја задолжил државата со 850 милиони евра.

-Државата е ставена на апарати.Заев издаде еврообврзница од 700 милиони евра, за која треба да плати камати од 80 милиони, и на домашниот пазар се задолжи за 70 милиони, вкупно 850 милиони.Заев со ова задолжување се спасува од банкротот кој беше неминовен како резултат на лошите политики и неадекватното менаџирање на кризата.Долгот со овие задолжувања официјално ќе скокне над 7 милијарди евра, и 65% од БДП.Ова задолжување е само за крпење на дупки, и доколку нема промена на политиките, наскоро ќе ни треба ново задолжување. Државата ќе тоне, пари нема, а каматите ќе стануваат се поголеми, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

(С.В.)