Со над 1.000 артефакти: „Боров Дол 2011-2018“ во штипски Безистен

135

Над илјада артефакти се пронајдени на трите археолошки локалитети што беа истражувани од 500 археолози и работници на местото каде што за една година треба да се отвори новото рудно тело Боров Дол, на единствениот рудник за бакар и злато „Бучим“.

Дел од овие артефакти се изложени во галеријата „Безистен“ во Штип, во рамките на изложбата „Боров Дол 2011-2018 година“. Директорот на Завод и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов, посочува дека при истражувањето се откриени и нови локалитети познати само од археолошката карта, а со истражувањата дошле до заклучок дека истражените локалитети претставувале рударски населби. „Едната е од праисторија, од раното бронзено време и железното време, па до средниот век. Покрај тоа откриена е и една некропола која датира од доцната антика и на крајот сите овие археолошки резултати се претставени во една изложба“, истакна Штерјов.

Заменик-менаџерот на рудникот „Бучим“-Радовиш, Николајчо Николов, истакна дека овие истражувања покажале дека рударството и оваа гранка на овие простори биле присутни пред 5.000 до 6.000 години.