Со монодрамата „Кармен“, Драмски на фестивалот РУТА во Хрватска

35

Драмски театар Скопје на 12 август ќе учествува на фестивалот РУТА во Хрватска, со монодрамата „Кармен“. Гостувањата на членките од Регионалната унија на театри со своите претстави се реализираат со настап на отворената фестивалска сцена на Бриони.

Домаќин на летново издание на РУТА е театарот „Улисис“. Фестивалската програма на Бриони е во рамките на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати театарски куќи и музичари од десетина земји.

Учеството на Биљана Драгичевиќ-Пројковска со монодрамата „Кармен“ е трет меѓународен настап на Драмски театар со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево и на „Македонско културно лето“ во Албанија.

Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година.

Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. За улогата Кармен, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрамата во Битола, актерката Биљана Драгичевиќ-Пројковска доби награди и на годинашново издание на „Македонско културно лето“ во Албанија и на интернационалниот фестивал „Актерот на Европа 2022“ во Ресен.

Инаку, есенското издание на фестивалот РУТА ќе се одржува во Скопје, во организација на Драмски театар, од 14 до 20 октомври. Во ревијалната фестивалска недела, македонската публика ќе има можност да проследи шест претстави од водечките театри во регионот, членки на регионалната унија на театри РУТА.