Со кучиња, термални камери и сонди ги извлековме телата на шестчлено семејство од под урнатините на куќа

364

Кога ги ваделе телата од под урнатините, побарале да нема луѓе наоколу, туку само најблиските на настраданите. За жал, сите шестмина кои ги извлекле веќе биле мртви. Симоновски додава дека досега не биле на вакви спасувачки акции во други земји. – Ова беше наше огнено крштевање. За нас ова беше дообука во една реална ситуација и искуство плус, раскажува командантот Владимир Симоновски за весникот ВЕЧЕР

Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски, и по цели два месеци се сеќава на страотните глетки по земјотресот на 26 ноември, во Драч, Албанија, каде што заедно со уште петмина негови колеги, со потребната опрема, два дрона и три термални камери тргнаа веднаш, уште истиот ден во 14 часот, да помогнат на настраданото население.

Тој за весникот ВЕЧЕР раскажува дека на лице место затекнале урнати куќи, згради, хотели, врисоци и лелеци од семејствата на оние што се нашле под урнатините.

– Глетката беше страотна. Пристигнавме во Драч во вторникот. Иако, првично требаше да интервенираме кај урнат хотел, ни беше речено дека овде нема потреба од помош, па заминавме во една населба во Драч, во стариот дел на градот, спроти стадионот. Требаше од урнатините на куќа да се вадат шестмина затрупани. Ни беше речено дека тоа е најцрната точка, со најмногу жртви – раскажува Симоновски.

На местото ги чекал министерот за одбрана на Албанија, а работеле и во текот на ноќта. Им се придружила екипа за спасување од Италија, но и 10 логистичари од Албанија. Со нив соработувале постојано, во текот на трите дена, колку што биле таму. Три дена се обидувале од под урнатините да извлечат шестчлено семејство.

– Тоа било деветчлено семејство. Од нив еден бил потешко повреден и бил однесен в болница, но бил жив, а кога дојдовме ние, двајца веќе биле извадени од под урнатините, но за жал биле мртви. Останатите шестмина требаше ние да ги извадиме. Еден од нив беше инвалид, повозрасен човек, дедо, две деца близначиња од по 2,5 години, девојка од 22 години и една жена – истакна Симоновски.

Тој вели дека во обидите да ги извлечат луѓето тие ги користеле термокамерите, но и опремата на Италијанците.

– На Италијанците им донесоа цел контејнер со опрема, што ни послужи, а се користеа и кучиња. Прво се испита комплетно теренот. Првата жртва ја најдовме во 9:30 часот во средата, во тоа ни помогна термокамерата на која се покажа. Пуштивме куче на местото каде што покажа термокамерата и се покажа дека навистина таму има некој. Тоа беше меѓу третата и втората плоча од куќата, бидејќи тие од земјотресот паднале една врз друга – вели Симоновски.

Освен тоа, пуштиле и сонда во урнатините, на длабочина од 2,5 метри. Таа удрила во прстите на 22-годишната девојка.

– Кога ја најдовме инвалидската количка која беше целосно извиткана и ја извадивме надвор, се слушнаа силни врисоци. Луѓето однадвор реагираа. Тоа беше потресно. Во моментот се стопираше сè и почнувавме со планот како да се дојде најбрзо и најбезбедно до таму. Голем проблем беше тоа што околу имаше луѓе кои набљудуваа, медиуми кои во голема мера ни ја отежнуваа работата – потенцира Симоновски.

Така ги нашле местата каде што се наоѓале сите шестмина. Кога ги ваделе телата од под урнатините, побарале да нема луѓе наоколу, туку само најблиските на настраданите. За жал, сите шестмина кои што ги извлекле веќе биле мртви.

Симоновски вели дека не може да се мери опременоста на нашата екипа со онаа на Италијанците, а исто така и со искуството, но и со големата дисциплина.

– Како еден вид водач на оваа акција беше Италијанец. Тој не оставаше ништо на случајност. Дури се караше со неговите и не дозволуваше никој на местото да влегува без заштитен шлем – констатира Симоновски. 

Тој додава дека досега не биле на вакви спасувачки акции во други земји.

– Ова беше наше огнено крштевање. За нас ова беше дообука во една реална ситуација и искуство плус – заклучи Симоновски.

Тие во Скопје се вратиле во петокот на 29 ноември 2019 година, рано утрината во 4 часот.

 (А.П.) – фото: П.С.