Со иновативен зафат:Лекари во Италија му го вратиле видот на слеп човек со „автотрансплантација“ на окото

362

Во болница во Торино, благодарение на специфична трансплантација на дел од едното око на местото на другото, на 83-годишен маж кој останал целосно слеп му се вратил видот.

83-годишникот целосно го изгубил видот на едното око пред 30 години, а пред десет години на другото поради ретка болест која целосно му ја уништила рожницата и површината на окото, пренесува РТС.

Не беше можно да се врати видот на левото око, но остатокот беше површно добро сочуван. Трансплантацијата на неговиот дел на десното око му овозможи повторно да гледа. Операцијата траела четири часа, а тимот хирурзи бил предводен од професорот Микеле Реибалди, директор на очната клиника „Молинете“ и претседател на италијанското здружение за рожница и матични клетки Винченцо Сарникола.

 

„Новината е што ја проширивме трансплантацијата на рожницата на целото око, на конјунктивалното склерално ткиво, кое игра фундаментална улога во тоа колку ќе биде успешна трансплантацијата во одредени услови. Око кое е слепо, но сепак има функционални аспекти, треба да да не биде жртва затоа што може да ни послужи како „резервни делови“. Во последните дваесет години, границите на трансплантацијата се поместени и направивме огромни чекори, а Италија има водечка улога во светот“, објасни професорот Сарникола.

Две недели по операцијата, пациентот може да препознава луѓе и предмети и самостојно да се движи. Левото око е реконструирано за естетски цели благодарение на донаторското ткиво.

„Кога се разбудив и повторно почнав да го гледам обликот на моите прсти, како да сум се преродил“, биле првите зборови на пациентот кој живее во Торино.

 

Во последните неколку години му беа извршени две традиционални трансплантации на десното око, кои, за жал, не вродија со плод, па беше донесена одлука за прв пат во светот да се изврши операција „автотрансплантација“ од лево на десно око.

Една третина од левото око е „автотрансплантирана“ на десното око, кое на овој начин е реконструирано и на пациентот му се врати видот. Лекарите се надеваат дека, со оглед на тоа што трансплантацијата е направена со помош на сопствениот „материјал“ на пациентот, нема да дојде до отфрлање.