Поранешниот светски шампион во скијање во слободен стил, Американецот Кајл Смејн, загина за време на авантура во Јапонија. Тој, заедно со уште еден маж го загуби животот на Јапонските Алпи, во покраината Нагано. Двајцата се движеле по необележани скијачки патеки, а загинале при лавина, поради што службите успеале да ги пронајдат нивните тела дури во понеделникот, еден ден по несреќата.

Двајцата спортисти биле дел од група од 13 лица кои ги игнорирале информациите добиени во ски-центарот. Иако јапонските власти апелирале на претпазливост поради најавените лавини на северната страна на Јапонските Алпи, Смејн и неговата група решиле да снимаат во многу тешки услови.

За време на снимањето на планината, 11 лица успеале да го избегнат трагичниот исход така што се спуштиле од местото на несреќата со скии или моторни санки, но за двајцата спортисти немало спас.

Светскиот шампион од 2015 година, во дисциплината „халфпајп“, заедно со својот колега од Австрија немале среќа при последната авантура, а странските медиуми јавуваат дека во претходниот период неколку луѓе во Јапонија ги загубиле животите токму поради невнимание во планинските предели каде што лавините се честа појава.