“Сите сме свесни дека пандемијата ги смени работите, пред сè начинот на социјалното поврзување меѓу луѓето. Во природата ни е да се поврзуваме, а не да се изолираме и поради тоа сметам дека со лична одговорност за почитувањето на мерките посетителите постепено ќе се враќаат во сите установи од областа на културата“, вели за весникот ВЕЧЕР директорката на Археолошкиот музеј Славица Бабамова. Таа посочува дека во Археолошкиот музеј во тек е содржинско дополнување на постојаната музејска поставка, а дел од неа станаа и панели со тактилни слики и брајово писмо за слепи лица. Дел од активностите додава, се и археолошките ископувања на локалитетот Големо Градиште, с. Коњух, Кратово…, а во план е и јавна промоција на извонредно научно дело од областа на средновековната археологија, „Епископијата на Брегалница и Моробиздон VII-XIV век“ на Кирил Трајковски…

 

По неколкумесечниот застој во работата поради Ковид пандемијата, музејот неодамна повторно ги отвори вратите за посетителите. Постои ли се’ уште страв или посетителите почнаа послободно да влегуваат во музејот?

Последиците од пандемијата ги гледаме секојдневно на секое поле на живеењето, па така и во Археолошкиот музеј е драстично намалена посетата, но не може да се каже дека посетителите го одминуваат музејот. За сега музејот го посетуваат само по неколкумина посетители, и домашни и странски, но се надеваме дека оваа ситуација ќе се менува.

Додека траеше пандемијата музејот беше една од културните установи кои редовно ја одржуваше врската со граѓаните преку онлајн претставување на своите експонати. Сметате ли дека со ваков начин на комуникација успеавте барем малку да ја ублажите штетата од целата оваа состојба?

Секако. Ако под штета подразбираме финансика загуба, тогаш таа сигурно е присутна во значителна мера. Но, пандемијата нè натера сите, и како поединци и како социјални суштества да застанеме, да погледнеме во себе и да го промениме познатиот начин на живот. Во таа смисла, кустосите и лицето за односи со јавноста најпрофесионално се справија со новонастанатата ситуација преку користење на социјалните мрежи за непречена комуникација со публиката.

Ако не гледаме на сè од материјалната страна, преку проектот „Музејска едукација преку цртежи“ задржавме веќе позната, но создадовме и нова публика, пред сè од деца од училишна возраст. За нас тоа е една од најголемите вредности за суштината на постоењето на музеј од ваков калибар.

Како пандемијата се одрази на работата и реализирањето на зацртаните проекти и активности на музејот?

Се разбира дека реализацијата на планираните проекти се одложи, но по укинувањето на посебните мерки продолживме понатаму. Летото и есента најчесто се периодот во кој се извршуваат археолошките ископувања, па така, во тек се меѓународните археолошки ископувања на локалитетот Големо Градиште, с. Коњух, Кратово. Во подготовка за наредните месеци се ископувањата на локалитетот Голема Пешт, с. Здуње, потоа доцноантичкиот локалитет Стакина Чешма – Бакновка во Валандово, некрополата на лок. Гимбабица, с. Избишта, Ресенско, античка Антигонеја на Градиште-Неготино и некрополата на лок. Градиште, с. Бучинци, Скопско. Во тек се, исто така и конзерваторски проекти за заштита на движното културно наследство. Како една од најважните задачи кои ги извршува музејот е, исто така, објавувањето на резултатите од својата работа, па така во подготовка се и стручно-научни текстови за постојаните гласила на Археолошкиот музеј – Зборник и Македонски нумизматички гласник. Во рамките на издавачката дејност на музејот се подготвуваат за печат и одбранети магистерски трудови. Со еден збор, иако во отежнати услови, работите е одвиваат тековно.

Кои проекти ви се во план до крајот на годината со кои би ја заинтересирале публиката да го посети музејот?

Во тек е содржинско дополнување и збогатување на постојаната музејска поставка, во која веќе подолг период недостасуваат одредени сегменти. Нивното повторно отворање беше одложено поради пандемијата. Но, и понатаму интензивно се работи на дооформување од содржински и музеолошки аспект. Пред извесно време, како резултат на соработката со Балканската музејска мрежа, дел од постојаната музејска поставка станаа и панели со тактилни слики и брајово писмо за слепи лица и лица со оштетен вид, што е дел од нашата заложба Археолошкиот музеј да стане пристапен за сите. Кон крајот на август со едукативна работилница во просториите на музејот се приклучуваме во програмата на првиот фестивал на детската креативност Трамболини организиран од ЈУ Детски културен центар-Карпош.

Планирана е, исто така, и јавна промоција на постхумно објавената монографија на Кирил Трајковски „Епископијата на Брегалница и Моробиздон VII-XIV век“, извонредно значајно и долгоочекувано научно дело од областа на средновековната археологија, кое го објавивме во соработка со Фондацијата „Кирил Трајковски“.

Сметате ли дека е можно посетителите и туристите повторно да се вратат во музеите во поголем број или пандемијата трајно ги смени работите?

Сите сме свесни дека пандемијата ги смени работите, пред сè начинот на социјалното поврзување меѓу луѓето. Мораме и веќе учиме да живееме со вирусот и лично верувам дека од оваа глобална криза сите ќе излеземе како подобри човечки суштества. Во природата ни е да се поврзуваме, а не да се изолираме и поради тоа сметам дека со лична одговорност за почитувањето на мерките посетителите постепено ќе се враќаат во сите установи од областа на културата.

Даниела ТРАЈКОВСКА