Скопје ќе добие забавен парк до 2024 година

483

Скопјани можат да се надеваат на забавен парк до 2024 година. Сегашното раководство на Град Скопје реши да ја измени програмата за изменување на Програмата за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање, што беше на дневен ред на днешната седница на Советот на Град Скопје.

Според неа, финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од буџетот на Град Скопје за 2022, 2023 и за 2024 година, што значи дека и нејзината реализација ќе се одвива фазно, во периодот од 2022 до 2024 година.

Според измените, проектирањето ќе се одвива во 2022 година, изградбата на инфраструктурата, супраструктурата и на објектите во периодот од 2022 до 2024 година, додека набавката на опремата и на реквизитите и нивното монтирање, исто така, ќе се одвиваат во периодот од 2022 до 2024 година.

 – Советот на Град Скопје, во декември минатата година, го усвои буџетот на Град Скопје за 2022 година, заедно со неговите развојни програми за 2023 и 2024 година,  при што во потпрограмата GAA, ставки 480 и 481, предвидено е изработка на проект и изградба на забавен парк, набавка на реквизити и нивно монтирање. Град Скопје со „Прима инженеринг“ ДОО – Скопје има склучено договор од 29.7.2021 година за изработка на проектно-техничка документација за изградба на забавен парк, позиционирање на забавни реквизити и придружни содржини, во кој е предвидено да се постават реквизитите согласно со склучени договори за набавка, транспорт и монтажа на реквизити за забавен парк – Скопје од 29.11.2016, од 29.11.2016, од 27.02.2017, од 27.02.2017, од 27.02.2017, од 27.02.2017 и од 27.02.2017 година, кои се со вкупна вредност од 130.485.698,00 денари, со вклучен ДДВ. Врз основа на новата проектна документација, ќе се започне со реализација на забавниот парк – прецизирано е во образложението на предлог- програмата.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, уште во декември минатата година, најави дека ќе го продолжи проектот за изградба на нов забавен парк почнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов, но и дека по Нова година ќе започне уредувањето на новиот луна- парк, така што нема да се чека уште четири години.

Притоа, Арсовска нагласи дека ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите кои се веќе набавени, а се вклопуваат и во новата проектна документација, за паркот да биде функционален, но и оти дополнително ќе се набават 20 нови реквизити како што е предвидено со проектот.

Скопје нема забавен парк веќе шест години. Ексградоначалникот Петре Шилегов, по доаѓањето на функцијата, го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски, со образложение дека не е добар и дека во Скопје наместо луна-парк, ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.

Потоа беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“, која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил.

– Овој забавен парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување забавни реквизити, од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца и ќе има неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и придружни содржини како „фуд корнер“, фонтана, билетарница, продавница за сувенири, тоалети“, е предвидено во тендерската документација за проектирање на забавниот парк.

Новиот забавен парк, според проекциите на Градот, ќе чини околу 12 милиони евра.

(А.П.)