Скопје танцовиот театар на „Соло танц фестивал“ во Анкара

90

Кореографот Рисима Рисимкин и танчерката Адријана Данчевска од Скопје танцовиот театар на покана на „Соло танц фестивал“ од Анкара, во периодот од 18 до 21 септември ќе гостуваат во програмата на фестивалот со дел од претставата „Идентитети
– Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин, насловен „Фаталност“.

Композитор на музиката е Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнер на сцената е Матеа Мијановиќ. Ова е првпат од новонастанатата ситуација со Ковид-19, Скопје танцовиот театар да настапува надвор од државата.

„Многу сме среќни што имаме можост повторно да настапуваме надвор од земјава и да покажеме дел од нашата најнова продукција, јубилејната претстава на Рисима Рисимкин. Вистински предизвик е да се споделува уметничката енергија со уметници од светот“, истакна Адријана Данчевска.

Во рамките на програмата на фестивалот ќе биде претставена работата на Скопје танцовиот театар, фестивалот „Танц Фест“, како и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, што годинава отвора студиска програма на англиски јазик и на која веќе има пријавено повеќе странски студенти кои ќе студираат современ танц на УГД.

Во програмата, покрај Рисимкин и Данчевска, ќе се претстават и уметници од Италија, Израел, Луксембург, Полска, Турција, Украина и Франција, а фестивалот се одржува во ЦЕР Модерн центарот во Анкара, на отворена сцена.