Скопје се чисти со амортизирани и нефункционални возила

177

Јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта “ ќе добијат нова механизација преку кредитно задолжување на Градот во висина од 150 милиони денари. Одлуката за задолжувањето треба да се најде на дневен ред на претстојната седница на Советот на Град Скопје.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча, вели дека нивниот возен парк не е менуван уште од кога е основано претпријатието.

– Од шест ѓубретарки што служат за собирање на лисја, четири не се во функција. Како можеме да постигнеме, на пример три или повеќе парковски површини да уредиме одеднаш – изјави Муча.

Освен тоа, потребни им се најмалку една или две машини скип-ровокопачи, голем и мал, бидејќи функционирале само со еден. Овие машини ги користат кога подигаат ново и реконструираат постојно зеленило.

– Исто така, имаме две машини кои не функционираат и стојат на паркингот на претпријатието. Пред три до четири години Градот купи машина за пресадување на дрвја, но таа не работи, а исто така и трактор тежок 7 тона, од кого може само да пропадне површината која ја работиме – објаснува Муча.

Тој информираше дека на Градот му доставиле список со потребната механизација, а на „Паркови и зеленило“ му останува што од тоа ќе набават.

Од Градот велат дека возилата кои ќе се набават ќе овозможат огромни заштеди на основа на поретко сервисирање од причина што се работи за нови возила, како и заштеди на гориво, заштеди на средства кои досега биле исплаќани заради изнајмување на возила и машини кои биле неопходни за успешно и квалитетно вршење на редовните дневни обврски.

– Новите возила кои треба да се набават предвидено е да задоволуваат посовремени стандарди за заштита на животната средина од емисии на штетни издувни гасови – потенцираат градските власти.

И ЈП „Комунална хигиена“ ќе го подновува возниот парк, но со сопствено задолжување од 3,5 милиони евра. Ќе се набават околу 50 специјализирани комунални возила за собирање и транспорт на комунален отпад и тоа со различна зафатнина од 5, 10 и 16 кубни метри, цистерни метлачки, кипер.

– Нашите возила се амортизирани. Последен пат направена е набавка пред 10 години, а тоа се премногу години за возила што се употребуваат секојдневно во три смени – вели Ана Марија Бранѓолица, портпарол во „Комунална хигиена“.

Инаку, „Комунална хигиена“ лани собрало и транспортирало вкупно 153.763 тони комунален отпад. На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци расчистени се и подигнати 8.721 кубни метри отпад од диви депонии.

(А.П.)