Скопје и Тирана во пакет кон ЕУ, нова надеж во декември

135

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која со Тирана и Скопје ја започна својата турнеја низ Западен Балкан, донесе охрабрувачки вести за почеток на преговорите на Македонија со Унијата. Рече дека дава целосна поддршка преговорите да почнат што е можно побрзо.

– Јас сум одлучна Албанија и Северна Македонија да ги отворат преговорите што е можно поскоро. Двете земји ги исполнија сите свои задачи и сега ние сме тие што треба да го реализираме својот дел. Многу очекувам меѓувладината седница да биде до крајот на годинава, порача  Фон дер Лајен од Тирана. На тоа албанскиот премиер Еди Рама возврати во  негов познат стил   „веќе нема да се подготвуваме за свадба, зашто сега сè е во рацете на сватовите“. Фон дер Лајен зборуваше и за помошта што ЕУ ја дава за земјите од Западен Балкан, пред сè, во справувањето со пандемијата и за зајакнувањето на економијата, а се задржа и на Берлинскиот процес, оценувајќи дека „колку е побрз Берлинскиот процес толку побрза е и интеграцијата во ЕУ“.

Она за што се дигна прашина дури до Брисел, беше прашањето кое во Тирана ѝ беше поставено на претседателката на ЕК, а во врска со одвојувањето на Албанија од Македонија, на кое таа одговори дека Албанија ги исполни сите услови за одржувањето на првата меѓувладина конференција и дека се прави сѐ за да се надминат пречките. Овој одговор предизвика конфузија кај дел од новинарите околу тоа дали има промени во ставот на Комисијата и дали ова значи дека оваа институција би прифатила Албанија да оди напред ако Бугарија продолжи да ја блокира Македонија. Но, од ЕК пристигна експресна потврда дека нивната позиција не е сменета.

-Претседателката турка за одржување на Меѓувладина конференција за Албанија и за Северна Македонија пред крајот на оваа година, изјави Дана Спинант, портпаролка на ЕК.

Таа истакна дека нема промена во ставот за ова прашање.

-Претседателката ја изрази својата посветеност кон процесот на зачленување на Западниот Балкан во ЕУ и таа изрази желба и намера да работи за отворање на Меѓувладината конференција, нема промена, рече Спинант.

Портпаролката за проширување, Ана Писонеро, запрашана дали има напредок во надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, рече дека еврокомесарот Оливер Вархеји е ангажиран во процесот.

-Комисијата зборува со двете страни, комесарот Вархеји ќе отпатува утре во Северна Македонија и ќе се сретне со премиерот Заев, и ја посети Софија минатиот вторник. Комисијата продолжува да разговара со сите релевантни страни и ќе продолжи да работи на заедничката цел за напредување со двете земји, рече  Писонеро.

Еврокомесарот Вархеји, рече таа, исто така, стои на ставот дека треба со двете земји да се оди напред кон усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, но, дека за тоа треба согласност од сите земји членки на ЕУ претходно.

Претседателката на Европската комисија  попладнево  допатува во посета на Скопје, при што со државниот врв разговараше и за спорот со Бугарија. Нејзин домаќин беше премиерот Зоран Заев, а на средбата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Симболика имаше и во местото избрано за прес-конференција – Кино Фросина во МКЦ, кое беше реновирано со средства од ЕУ.

На агендата на Фон дер Лајен беше средба и со претседателот Стево Пендаровски, а присуствуваше и на вечерата што во нејзина чест ја приреди шефот на државата во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери, и други високи претставници.

Скопје е втора станица на Фон дер Лајен од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. До 30 септември таа ќе ги посети останатите четири земји од Западен Балкан.

Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

Во меѓувреме и САД го зголемува притисокот врз Бугарија, барајќи од неа да се откаже од ветото и брзо да ја одобри преговарачката рамка за членство на Македонија во Унијата. Американскиот заменик-помошник секретар за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, минатата недела за РСЕ изјави дека треба што побрзо да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје, и да се деблокира евроинтеграцијата на Македонија.

И американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз, минатиот петок потврди дека САД ќе се вклучат во ова прашање и во разговорите затоа што сметаат дека Македонија треба да го заземе заслуженото место во Европа и во ЕУ и се надеваат дека тоа ќе се случи бргу.  (Е.А.)