Скопје во сообраќаен хаос!

682

На првиот ден од работната недела, скопјани ги пречека блокада на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ и сообраќаен хаос низ градот. Колони возила, нервозни возачи. Оние што го користат јавниот градски превоз беа принудени да се возат со автобусите на јавното сообраќајно претпријатие, кои не се редовни и ги нема доволно, што предизвика нервоза, доцнење на работа, на училиште, на факултет, на лекар. Поради блокадата, денеска и премиерот Димитар Ковачевски не можеше навреме да стигне во Прилеп

На првиот ден од работната недела, скопјани ги пречека блокада на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ и сообраќаен хаос низ градот. Колони возила, нервозни возачи. Оние што го користат јавниот градски превоз беа принудени да се возат со автобусите на јавното сообраќајно претпријатие, кои не се редовни и ги нема доволно, што предизвика нервоза, доцнење на работа, на училиште, на факултет, на лекар.

– Имаат ли малку исав, доста ги малтретираат скопјани. До вчера се гушкаа, сега се навредуваат меѓусебно, а жртви на нивното изживување се учениците, студентите, вработените граѓани, луѓето кои имаат потреба од лекар, итн. Нека си го решат проблемот институционално, а не да ги тероризираат скопјани со своите кавги – реагира скопјанецот Ванчо Георгиевски.

Поради блокадата, денеска и премиерот Димитар Ковачевски не можеше навреме да стигне во Прилеп. Тој им порача на градските власти да земат да ја практикуваат власта.

– Едвај излеговме од Скопје бидејќи сите превозници се на протест. Ветуваа бесплатен превоз, ветуваа брда и долини. Во моментов, Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има какво било поместување на кој било капитален проект, кој им го остави минатата власт – рече вчера премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, не може на ВМРО-ДПМНЕ да им биде изговор дека се скарале со градоначалничката, која е нивни кандидат, бидејќи тие ја промовираа во Скопје.

Од советничката говорница, градоначалничката Арсовска истакна дека треба да се престане со шпекулациите и дека треба да се знае вистината дека и ЈСП има побарувања од Општина Бутел, па не ја блокира Општината со автобуси.

– Тоа може да се реши на цивилизиран начин, со поднесување опомена пред тужба, па потоа судот ќе одреди чии обврски не се исполнети. Досега немаме опомена пред тужба од оние што велат дека им должиме. ЈСП редовно ги плаќа своите обврски – нагласи Арсовска.

Таа го поддржа правото на протест на секој што смета дека преку тоа ќе ги оствари своите интереси. Но, повтори дека тоа не е вистинскиот начин.

– Оној што сака чесно да го заработи лебот, ќе се јави на огласот што ќе го распише Град Скопје – потенцираше Арсовска и ги повика советниците да го поддржат граѓанскиот интерес.

Директорот на ЈСП, Александар Стојковски, рече дека од први јуни до денес се исплатени сите фактури на приватните превозници во износ од над 150 милиони денари, од кои 40 милиони се исплатени на „Макекспрес“, а останатите на „Слобода превоз“.

Вината за ескалацијата на состојбите во јавниот градски превоз ВМРО-ДПМНЕ ја фрли на СДСМ и Арсовска, од која побара итно да го реши проблемот.

– Наместо да ги прогласува за криминалци, нека седне и нека го реши проблемот – децидни се од ВМРО-ДПМНЕ и побараа од СДСМ да кажат што барала Арсовска на тајна средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, минатата недела, обвинувајќи дека станува збор за полутајна коалиција.

Од СДСМ, пак, обвинија дека поради неспособноста и неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје за првпат во историјата останало без јавен автобуски превоз.

– ЈСП сè подлабоко тоне во долгови. Додека јавниот сообраќај е во хаос, никаде ги нема новите автобуси што ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска ги ветуваа, ниту ја има фабриката за електрични автобуси што ја најавуваше шпицниот градоначалник Мицкоски. Арсовска лани ги доби локалните избори токму со ветувањата за јавен превоз. Ветуваше брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани – нагласија од СДСМ.

Приватните превозници најавија дека протестите ќе продолжат и во наредните денови, на други сообраќајници во Скопје, сè до исполнување на нивните барања. За вчера имаше најавено средба со Управниот одбор на ЈСП со приватниците, на која беше побарано решение за долгот.

Ленин: На лагата ѝ се кратки нозете, а јас велам, некому му е краток паметот, а долг јазикот!

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, на Фејсбук напиша: „А сеа, маќео, шу праиме?“ Крадецот викал на цел глас, држете го крадецот!!, откако постираше видеозапис во кој од возач на автобус на ЈСП бара да купи билет и тој му го продава без фискална сметка.

– Велат, на лагата ѝ се кратки нозете, а јас велам, некому му е краток паметот, а долг јазикот – напиша Јовановски.

Тој објасни за весникот ВЕЧЕР дека градоначалничката Арсовска ја нарекол маќеа, поаѓајќи од тоа дека таа, како мајка на Градот, не се грижи доволно за своите деца, т.е. скопјани.

– Се однесува како да ни е маќеа. Неприфаќањето на нашите барања за исплаќање на долгот, клеветењето е повод да имам такво лично чувство – истакна, сметајќи дека Арсовска воопшто не е засегната поради тоа што не го чувствува проблемот и не сака да го реши.

(А.П.)