Скопјани уште долго ќе чекаат на директни преноси од седниците на Советот на Град Скопје  

90

Иако опремата за реализација на оваа идеа на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов е набавена веќе неколку месеци, сепак поради корона-пандемијата, седниците на Советот не се одржуваат со физичко присуство на советниците, туку одлуките се носат преку видеоконференциска врска

Скопјани уште долго ќе почекаат за да имаат можност седниците на Советот на Град Скопје да ги следат во директен пренос. Иако опремата за реализација на оваа идеа на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов е набавена веќе неколку месеци, сепак поради корона-пандемијата, седниците на Советот не се одржуваат со физичко присуство на советниците, туку одлуките се носат преку видео-конференциска врска.

-Таа сè уште не е искористена бидејќи поради пандемијата на коронавирусот повеќе од шест месеци седниците не се одвиваат во живо, туку преку интернет конференциски врски – образложуваат од Градот.

Уште на 23 август 2018 година, Советот на град Скопје донесе одлука за набавка на опрема во вид на три професионални видеокамери, осветлување, компјутерска опрема и останата техничка опрема за реализација на видеопренос во живо од седниците, вредна 745.000 денари со вклучен ДДВ. Како што се наведуваше во одлуката, преносите би се реализирале на официјалната веб-страница на Град Скопје, како и на официјалните страници, канали и профили на Град Скопје на социјалните мрежи и медиуми.

Иницијатива за пренос на седниците во живо до Советот на град Скопје беше поднесена уште во април 2015 година од страна на тогаш опозицискиот „Сојуз на иднината“, според кој, со директните преноси на седниците на Советот, граѓаните на Скопје ќе имаат можност за целосен увид на начинот на донесување одлуки за нивните витални потреби. Тие тогаш предложија преносите во живо да започнат уште од наредниот месец.

Одговорот од тогашните градски власти на чело со тогашниот скопски градоначалник Коце Трајановски беше дека според мислењата на сите стручни лица кои имаат долгогодишно искуство во оваа област, салата не ги исполнува минималните критериуми за било какво пренесување на сигналот од седниците.

(А.П.)