Сите лица на булеварот „АСНОМ“

821

Булеварот „АСНОМ“ е една од ретките сообраќајници во градот кои имаат почеток и крај, ама немаат средина. Почнува од улицата „Беласица“ кај „Ист гејт мол“ и треба да се пробие покрај „Каросерија“ на ФАС „11 Октомври“ и низ населбата Керамидница, преку новиот мост на Вардар „Михајло Апостолски“, треба да се спои со булеварот „Васко Карангелески“ кај салата „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ и потоа да води до последна „5“ и улицата „Тодор Чангов“ во Лисиче.

Оваа е трасата на овој булевар предвидена со урбанистичките планови и треба да биде нова сообраќајна порта за Општина Аеродром кон центарот на Скопје. Но, состојбата на терен не е таква.

Во моментов, се асфалтира булеварот „АСНОМ“ на потегот кај „Ист гејт“ до „ФАС 11 Октомври“, во должина од 200 до 250 метри и со финиширањето на овие градежни активности, тој практично ќе заврши до влезната порта на поранешната фабрика за автобуси. За понатаму, треба да се пробие низ Керамидница кон новиот мост кон Аеродром, што значи дека ќе треба да се експроприраат повеќе куќи, гаражи и дворни места.

– Со овој инфраструктурен зафат, ќе се реши проблемот со коловозот, кој претходно беше во лоша состојба. Поради градежните активности, сообраќајот ќе се одвива отежнато, за што замолуваме за трпение и за поголемо внимание од учесниците во сообраќајот – информираа од Град Скопје без да посочат што понатаму со булеварот.

Скопјани со нетрпение го очекуваа завршувањето на новиот мост, кој треба да поврзе две населби и три општини во метрополата. Од едната страна е населбата Јане Сандански во Општина Аеродром, а од другата Керамидница во Гази Баба, но мостот ќе има исклучително значење и за Општина Центар, бидејќи значително ќе го скрати патувањето и ќе ги намали тесните сообраќајни грла што постојат сега.

Поточно, со овој важен инфраструктурен проект, кога целосно ќе биде финализиран, ќе се поврзат булеварите „АСНОМ“ и „Васко Карангелески“ во Аеродром со „Гоце Делчев“ и „Беласица“ во Центар, како и со „Никола Карев“ и „Александар Македонски“ во Гази Баба.

Но, како што сега стојат работите, скопјани ќе се изначекаат. Мостот е во финално асфалтирање на коловозните ленти, на велопатеките и на пешачките патеки, но од страната на Керамидница завршува буквално никаде. Жители на Керамидница велат дека без разлика што мостов извесно време ќе биде road to nowhere, сепак, предлагаат да се направи крстосница и десниот крак би одел покрај Вардар и би излегол во близина на мостот „Близнак“.

Тоа е лесно изводливо, бидејќи земјиштето е државно, нема пречки десниот крак за три-четири месеци отсега да биде во функција. Велат и дека ќе може да се користи веќе постоечката улична мрежа во населбата, иако тие улички се тесни, но ретко кој би се решил преку нив да оди во големиот шпиц наутро. Сметаат дека кејот треба да се отвори порано од булеварот и нема причина да биде затворен ако целосно се заврши и асфалтира мостот.

Инаку, булеварот „АСНОМ“ од мостот до хотелот „Русија“ е веќе асфалтиран (фалат уште десетина метри за до крстосницата со булеварот „Васко Карангелески“). Понатаму „АСНОМ“ е веќе модерен булевар до крстосницата со булеварот „Србија“ кај хотелот „Хилтон“, но од таа раскрсница до последната автобуска линија „5“ треба да се реновира и да се прошири.

Во моментов, овој потег е во лоша и очајна состојба. Има сообраќај повеќе отколку што може да го поддржи самата улица. И само од едната страна има простор за безбедно пешачење и возење велосипед, од другата страна (страната кај ФФМ) не може да се оди, треба да се гази по трева, а за возење велосипед и не станува збор. Треба да се поправат и да се наместат шахтите и одводите на овој потег, а има и простор за проширување на булеварот.

(С.Бл.)