Синоќа доделени наградите „13Ноември“ на Град Скопје за 2019 година

152

Синоќа во Националната опера и балет, по повод одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, свечено им ги додели наградите на годинешните добитници, нашите сограѓани коишто со својот труд и творештвото дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок, и им се обрати на присутните гости.

– Секоја година на овој ден Град Скопје ги наградува сите оние кои со своите дела во различи области го промовираат нашиот град низ целиот свет. Затоа упатувам искрени честитки до годинашните добитници на награда 13-ти Ноември. Овие награди се само мала благодарност од сите нас за нивната посебност. Вие сте нашата голема скопска гордост. Искрено се радувам на секој ваш успех и од срце ви го честитам – кажа градоначалникот Шилегов во своето обраќање.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2019 година се:

Од областа на науката наградата отиде во рацете на проф. д-р Христина Спасевска за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“

Од областа на хуманитарната активност награден е стоматологот Жикица Ѓорѓиевски за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик

Од областа на културата награда прими директорката на Националната галерија д-р Дита Старова Ќерими за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

Наградата од областа на уметноста и е доделена на Фросина Зафировска – кустос во пензија за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот

Диригент Бисера Чадловска е наградена за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.

Од областа на публицистиката се доделени две награди и тоа на фотографот Ерина Богоева за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“, како и на Александар Трајковски – музучки педагог, истражувач и публицист за значаен придонес во областа на културата, уметноста и литературата со  објавувањето на книгата “Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“.

За 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план награден е карате клубот Работнички и борачот Алили Бесир за освоено прво место на Европско првенство во борење за кадети

Наградени се и ученици и студенти и тоа Ана Марија Атанасовска и Стефан Стојковиќ – ученици во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “.

Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на меѓународната ликовна колонија „Скопје 2019“.