Секој заболен од ковид 19 на работното место да добие цела плата, бара Здружението за заштита при работа

87

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) достави предлог текст до Владата со кој бара на секој заразен работник на работното место со коронавирусот да му следува целосен надоместок од плата во износ од 100 проценти.

– Со усвојувањето на ваква Уредба од страна на Владата целосно ќе се испочитува правото на еднаквост на граѓаните, без разлика на вера, нација, конфесија и пред сé работата која ја работат. Истовремено, земајќи ги предвид актуелните случаи на зараза со новиот коронавирус на работните места, на сите работодавачи ќе им биде отстранета недоумицата и ќе им бидат дадени јасни насоки и упатства како да
постапат во случај кога нивен вработен е дијагностициран со САРС-КоВ-2 или, пак, ја развил болеста Ковид-19, велат од МЗЗПР.

Досега, на сите вработени кои пријавуваат отсуство од работното место
поради Ковид-19, Фондот за здравствено осигурување им исплаќа 70 проценти од платата, исто како за редовно боледување.

Според МЗЗПР, со усвојувањето на еден ваков правен акт, ќе може да се оствари правото на боледување како последица на несреќен случај, односно заразувањето со корона вирусот ќе биде признаено како професионално заболување на секој работник кој работел на работно место каде постои потенцијална можност за изложеност на
САРС КоВ-2.

Со ваквиот пристап и регулација, посочуваат од МЗЗПР, правото ќе може да се оствари и доколку вработениот бил во самоизолација како резултат на контакт со потврден случај на заболен со коронвирусот на работното место.

Здружението очекува да биде усвоена оваа уредба на првата наредна седница на Владата.

На 14 мај МЗЗПР побара од надлежните институции да биде признаено професионалното заболување КОВИД-19 за сите работни места и усогласено во Правилникот за листата на професионални болести.