Седум децении македонски Балет: Изложба која потсетува и движење кое одушевува…

581

Гала концертот по повод јубилејот 70 години македонски Балет, пред присутните го прикажа она најдоброто од балетот кој изминатите седум децении создаваше своја верна публика. Иако без гламурозна сценографија и костимографија , програмата составена од класичен и модерен дел, поточно од колаж на балетски парчиња, беше проследена со голем интерес и задоволство од присутните. Солистите, пак, на најдобар начин ја претставија балетската уметност

Ансамблот на македонскиот балет, заедно со гостите солисти од Грузија, Унгарија, Хрватска, Албанија, Германија и Англија… завчеравечер на публиката во преполната сала на Националната опера и балет ѝ приредија незаборавно  визуелно, но и музичко доживување. Гала концертот по повод јубилејот 70 години македонски Балет, пред присутните го прикажа она најдоброто од балетот кој изминатите седум децении создаваше своја верна публика.

Иако без гламурозна сценографија и костимографија, програмата составена од класичен и модерен дел, поточно од колаж на балетски парчиња, беше проследена со голем интерес и задоволство од присутните.

Солистите, пак, кои на најдобар начин ја претставија балетската уметност, публиката ги награди со бурен аплауз.

Она со што гала балетскиот концерт го привлече вниманието на публиката беа балетските изведби од претставите “Полонеза” во која настапија Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили (Грузија), Марија Кичевска Шокаровска и Балаж Лашеи (Унгарија), Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски, Наташа Јосифовска и Игор Веланоски, Ивана Коцевска и Ервис Кочеку (Албанија)…,  за  да продолжи со “Лебедово езеро”, “Корсар”, “Дон Кихот”, “Париз во пламен”…

Уживавме и во модерните кореографии од балетските претстави “Софа“ во кореографија на Ицик Галили, “Доктор Живаго”, “Прегратка“, “Самсон и Далила… за да заврши со “Шаблон“ и “Либертанго“ во кое се претставија сите солисти.

Пред ова речиси двоиполчасовно уживање му претходеше и доделувањето на благодарници на сите што придонеле во развојот на Балетот во изминатите 70 години, почнувајќи постхумно за основоположникот на балетскиот ансамбл Ѓорѓи Македонски – кореограф на првата балетска претстава, па сè до поновите генерации балетски уметници…

Целиот настан беше надополнет со извонредната поставка „Живот во движење“ за историјатот на македонскиот Балет, а која на посетителите преку фотографии од уметниците и од изведбите, каталози, костими и костимографски скици за претставите, медиумски написи и 19 оригинални плакати за балетски премиери, меѓу кои и за првата –  „Валпургиска ноќ“, стар 70 години…, им поттикна сеќавања и многу емоции.

Оваа изложба ќе биде поставена во холот на Националната опера и балет и во наредните два месеца.

Завчеравечер приказната што почна во 1949 година беше подигната на повисок пиедестал.   (Д.Т.)   Фото: П. Стојановски