Се собира кабаст отпад на четири локации во Чаир

158

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ спроведува акција за собирање кабаст отпад во општината Чаир.

На четири локации во оваа скопска општина, претпријатието ќе постави специјални контејнери за собирање кабаст отпад, во кои граѓаните ќе можат да го одложат стариот мебел и отпадот од електричната и електронската опрема.

Екипите на „Комунална хигиена“, собраниот отпад од садовите ќе го транспортираат во вечерните часови. Законот за јавна чистота забранува кабастиот отпад да се одлага на јавни површини, а неговото несовесно исфрлање резултира со создавање диви депонии и загадување на животната средина.

Од  „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните на општината Чаир да ја искористат оваа можност за одлагање на својот кабаст отпад во специјалните садови и воедно ги информира дека по завршувањето на акцијата, овој тип на отпад ќе смеат да го одложат само во Центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок.

Контејнерите наменети за одлагање на кабастиот отпад во општината Чаир, ќе бидат поставени на следните локации: раскрсницата меѓу улиците Дижонска и Џон Кенеди, раскрсницата меѓу булеварот „Цветан Димов“ и улицата „Коста Абрашевиќ“, улицата „Серава“ (во близина на Ефтинија Импекс) и на улицата „Ресенска“ (во близина на ресторанот „ФаФа“).