Се санираат и дезинфицираат училниците во кои ќе се учи според протоколите за работа

137

Скопските општини ги подготвуваат училиштата за старт на новата учебна година. Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, изјави дека забрзано ги довршуваат подготовките, а родителите можат да бидат спокојни бидејќи училиштата се целосно подготвени за кој било модел на настава. – Ги финализираме подготовките за кој било модел на настава. Дали со физичко присуство, онлајн настава или, пак, комбиниран систем, вели Георгиевски

На помалку од три недели од стартот на новата учебна година скопските општини ги привршуваат подготовките за било кој модел што ќе биде усвоен за настава во основните училишта и градинките што се под нивна надлежност. Некаде се вршат санации и реконструкции на објектите, а протоколите за работа на училиштата се подготвуваат и истите ќе бидат прилагодени согласно насоките на Владата и презентирани на родителите.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, деновиве е интензивно на терен и ги надгледува работите што се вршат во училиштата.

– Вложувањето во подобро образование е влог во иднината. Токму затоа како општина секоја година ги подобруваме условите во нашите основни училишта. Во ООУ „Кирил и Методиј“ се врши молерисување и реконструкција на санитариите. Наскоро почнува и изградбата на спортската сала, како и нова училница за спорт во подрачното училиште во Страчинци. Го заменуваме подот во спортската сала во ООУ „Крсте Мисирков“, а покрај малата летна сцена која е изградена во ООУ „Наум Охридски“, планираме и целосно оградување и уредување на дворот во училишниот објект во Раштак. Реновирани се и сите санитарни јазли, а во тек е целосно молерисување на училниците, холот, спортската сала и административните канцеларии во „Дане Крапчев“ и „Наум Наумовски Борче“. Со овој проект вршиме дезинфицирање на училишните простории за безбеден почеток на учебната година – вели Георгиевски.

Тој изјави дека забрзано ги довршуваат подготовките, а родителите можат да бидат спокојни бидејќи училиштата се целосно подготвени за кој било модел на настава. За таа цел тој и неговиот тим одржале координативни состаноци со основните училишта „Наум Охридски“, „Кирил и Методиј“ и „Крсте Мисирков“.

– Ги финализираме подготовките за било кој модел на настава. Дали со физичко присуство, онлајн настава или, пак, комбиниран систем. Протоколите за работа на училиштата се подготвуваат и истите ќе бидат прилагодени согласно насоките на Владата и презентирани на родителите. Минатата учебна година токму нашето основно училиште „Дане Крапчев“ беше првото училиште во Македонија кое подготви платформа за онлајн настава по сите наставни предмети од прво до деветто одделение – вели градоначалникот Георгиевски.

По задолжение на Кризниот штаб секое основно училиште од општина Гази Баба има обврска да подготви свој Протокол за одржување на наставата.

– На првите средби во ООУ „Дане Крапчев“ и ООУ „Наум Наумовски Борче“, со директорите ги разговаравме нивните предлози. Потоа училиштата имаат обврска во целост со деталите од Протоколот да ги запознаат родителите – информира Георгиевски.

Учениците во осумте основни училишта во општина Центар и нивните родители се подготвени за евентуалниот почеток на наставата и во потполност ќе се придржуваат до препораките за начинот на одвивање на наставата, онака како што ќе бидат определени од надлежните институции.

– До носењето на конечната одлука, секој јавно изнесен став во врска со евентуалниот почеток и текот на наставата е личен став, а Општина Центар како и досега, така и отсега ќе постапува во согласност со законите и правилата во државата – вели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Исто така, на продолжението на 50. седница на Советот на Општина Центар на предлог на Богдановиќ советниците расправаа и изгласаа согласност за прием на поголем број деца во воспитните групи во однос на предвидениот проектиран капацитет во детските градинки во Општина Центар.

Во општина Карпош се санираат детските градинки. Во тек целосната санација и реконструкција на повеќедецениски стариот објект, во чии рамки функционира детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.

– Од неодамна беа поставени нови ПВЦ-прозорци и врати, а целосно беа реновирани и детските тоалети, се изврши санација на фекалната канализација и санитетските јазли, а денеска се прават корекции на покривот. Од особена важност е тоа што оваа претшколска установа ќе добие и нова фасада, и целиот објект ќе биде енергетски ефикасен, односно, значително ќе се подобри звучната и топлотната изолација – велат од општината.

Претходно стручните служби ја отстраниле старата дрвена фасада и лесонитните (канцерогени) табли, кои биле сериозна закана за здравјето на децата и персоналот градинката.

– Вработените темелно ги чистат спалните соби и занималните, го бојадисуваат инвентарот и столаријата, за потоа да се дезинфицираат детските креветчиња и душеците. Со други зборови, градинките во Карпош се подготвуваат и ги преземаат сите активности за безбеден прием на дечињата, доколку МТСП и другите надлежни институции одлучат под посебен режим, предучилишните установи наскоро да започнат со работа – истакнуваат од општина Карпош.
(С.Бл.)