Се реконструираат повеќе улици во Карпош

85

Во тек се подготвителните активности за реконструкција на улицата „Париска“ во Тафталиџе 1 и улицата „Иван Аговски“ во Карпош 1.

Како што информираат од Општина Карпош, на овие сообраќајници е воспоставен времен сообраќаен режим, со посебна вертикална сигнализација (сообраќајни знаци), а во одредени моменти сообраќајот е регулиран и рачно (со знаменца), информираат од општината.

-Деновиве се одвива гребење на стариот и оштетен коловоз (асфалт) и од таа причина, ги замолуваме сите граѓани да не ги паркираат своите возила во должина на овие улици- апелираат од Општина Карпош.

Оттаму објаснуваат дека станува збор за сообраќајници кои се лоцирани меѓу повеќе објекти за домување, каде што фреквенцијата на луѓе е поголема, но со реконструкциите ќе се придонесе кон подобри и побезбедни услови за движење на сите учесници во сообраќајот.

Од локалната самоуправа известуваат дека градежната сезона ќе продолжи и со реконструкција на улиците „Гиго Михајловски“ во Карпош 1, како и „Шекспирова“ и „Мирка Гинова“ во Карпош 2.

-Исто така, претстои обнова и на плочникот во Порта Влае, каде што ќе се заменат старите и дотраени плочки со нови, а ќе биде поставена и нова хидроизолација,-велат од локалната самоуправа.