Се редат наградите… „Медена земја“ и Атиџе наградени во САД

81

Македонскиот кандидат за Оскар „Медена земја“ (Honeyland) и главната актерка во документарецот Атиџе се наградени на Избор на критиката за документарци (Critics’ Choice Documentary Awards) во Њујорк, САД. На режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов им беше доделена наградата за најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова ѝ беше врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.

Наградите, кои ги доделува Американското здружение на критичарите, се сметаат за едни од најдобрите предвидувања на номинациите за „Оскар“, што ќе бидат соопштени во јануари 2020.

Македонскиот филм е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019 година. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членови на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември во Берлин, Германија.

Во тек е и промотивната кампања на филмот за номинации за најпрестижната филмска награда, со поддршка од Агенцијата за филм.