Се подобрува водоснабдувањето во високите зони на населбата Козле

28

Долгогодишниот проблем на жителите од населбите: Козле, Нерези и Жданец со слабиот притисок на вода конечно ќе биде решен. Во тек е реконструкцијата и поврзувањето на постојната водоводна мрежа во населбата Козле, на потегот од улицата „Нерешка“ до улицата „Мокра“.

На терен деновиве се реализираат градежни активности за реконструкција на постоечките приклучоци на објектите од едната страна улицата „Козле“ кои гравитираат на потегот улица „Мокра“ – улица „Нерешка“, а се врши и реконструкција на мал дел од постечките приклучоци на објектите долж улицата „1010“ која гравитира кон улицата „Козле“.

– Со поврзувањето на водоводната мрежа во населбата Козле се решава долгогодишниот проблем со слабиот притисок во водоводната мрежа во овој дел од градот и се обезбедува поквалитетно водоснабдување за жителите во населба Козле, пред се за жителите во високите зони во населбата. Особено подобрување ќе има во летните месеци кога потрошувачката на вода е зголемена. Реализацијата на овој проект изнесува околу 12 милиони денари – истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска при денешниот увид во градежните активности заедно со директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински.

Како што информираат од Град Скопје, со реализацијата на овој проект  се поврзуваат два постоечки водоводи кои се дел од т.н. висока зона Жданец, односно се поврзуваат постоечкиот цевковод – висока зона на улица „Козле“ кај крстосницата со улицата „Мокра“, од страна на населба Нерези, со постоечкот цевковод – високата зона, исто така, на улицата „Козле“ на крстосницата со улицата „Нерешка“ – влезот во населбата Жданец.

– Со доповрзување на овие два цевковода кои се дел од иста зона, тоа е висока зона Жданец, ќе се овозможи  скратувањето на патувањето на водата до населбата Нерези, токму преку овој цевковод на улицата „Козле“ и ќе се овозможи подобрување на притисокот во мрежата односно ќе се подобри водоснабдувањето на објектите долж улицата „Козле“ и пошироко на објектите во уличките околу оваа улица кои имаат поголема катност – истакна Перински.