„Сапунена фантазија“ на Коле Китанов денеска во КИЦ на РСМ во Софија

49

Шоу-спектаклот „Сапунена фантазија“ на Коле Китанов ќе биде претставен денеска во Културно-информативен центар на Северна Македонија во Софија.

Од Културно-информативен центар посочуваат дека „Сапунена фантазија“ е шоу спектакл во стилот на класичните кловновски точки и апсурди.

-Меурите од сапуница секогаш биле и ќе бидат неверојатна игра за помалите и еден магичен феномен за возрасните. Уште повеќе кога ги надминуваат нашите очекувања. Со многу хумор, интеракција и професионализам, меурите од сапуница прават чуда. Квадратни меури, меури со дим, со оган, меури долги и шарени како виножито и за крај – човек затворен во меур од сапуница. Сето ова и уште повеќе изненадувања го прават овој шоу спектакл, како едно вселенско патување наречено Сапунена фантазија, најавуваат од КИЦ.

Како што потенцираат, местата за претставата се со ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние кои претходно се запишале.

Коле Китанов е од Струмица. Во 2012 година аплицира и започнува студии во Националната Академија за Театар и Кино во Софија, каде сега живее и работи. Тој е еден од основачите на добро познат, меѓу детската публика во Бугарија, куклен театар Мале-мале.

Куклен театар Мале-мале постои од 2013 година и создава авторски и класични детски пиеси во стилот и средствата на куклениот театар. Неговиот театар е домаќин  и на неговата дипломска претстава „Историја за разбојници“ од Карел Чапек и  „Сапунена фантазија“ што е негов авторски шоу-спектакл со огромни сапунени балони.

Извор: МИА