Само два часа во маратонскиот полициски час за лицата со посебни потреби

149

Лицата со попреченост и нивните родители ќе можат викендов, кога ќе трае полицискиот час, да се прошетаат надвор во периодот од 11 до 13 часот. Истовремено, Црвениот крст на Град Скопје отвори СОС-линија за психолошко-социјална поддршка, а дополнително е направен и план на активности кои овие лица треба да ги направат од дома

 

Лицата над 18-годишна возраст со попречености потешко ја поднесуваат вонредната состојба, а особено најавениот продолжен полициски час кој за викендот ќе стартува од 16 часот во петок и ќе трае до 5 часот во понеделник.

За полесно да ја надминат оваа вонредна состојба, Владата на предлог на Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика дозволи посебен режим на движење за лицата со попреченост.

– За овие наши граѓани нема да важи забраната за движење од понеделник до петок во периодот од 19 до 20 часот, а во деновите на викенд од 11 до 13 часот. Оваа мерка за дозвола на движење за лицата со попреченост се однесува и на лицата што ги придружуваат овие граѓани за време на дозволеното движење во наведените временски периоди – соопштија од Владата.

Од Црвениот крст на Град Скопје велат дека имаат обезбедено поддршка за овие лица и за нивните родители, со оглед на тоа што со помош на Град Скопје и на Општина Центар тие на почетокот на декември, минатата година отворија Центар за лица со интелектуална попреченост со над 18 години „Пролет“ кој се наоѓа веднаш зад „Веро центарот“.

Од Црвениот крст на Град Скопје велат дека се постојан контакт со нивните корисници.

– Ние нашите корисници ги контактираме постојано по телефон. За таа цел е отворена СОС-линија за психолошко-социјална поддршка. Корисниците кои можат да зборуваат и нивните родители можат да се јават на телефонскиот број 071/379-119 и тоа од 9 до 13 часот, од понеделник до петок, но не е исклучена да се јават и во сабота и во недела. Секако дека и тогаш ќе им излеземе во пресрет. На тој начин ние им даваме поддршка и на родителите и на корисниците како да им биде исполнето времето – изјави Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на град Скопје.

Координаторот на Центарот за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Пролет“, Кристина Петрова вели дека овој телефонски број е за психолошко-социјална поддршка на сите лица, па и на лицата со интелектуална попреченост, корисници на нивниот Центар.

Таа информираше дека веќе е направен план на активности кои ќе ги реализираат овие лица од своите домови, кои ќе започнат од викендов, а ќе се одвиваат два до три пати во неделата и плус за време на викендот кога е и полицискиот час.

– Направивме активности на дневна основа. Ќе им се задаваат активности на корисниците што ги работевме и додека беше отворен Центарот. Тие ќе треба да испратат фотографија дека ја завршиле активноста. За нив е доволно да им се каже едно одлично за да добијат поттик за понатаму – објаснува Петрова.

Таа истакна дека прва активност ќе биде ликовна работилница на тема: цртање пролет, цвеќиња, додека наредна активност ќе биде гледање на филм. Корисниците ќе треба да гледаат зададен филм, а потоа преку видеокол да го раскажуваат. Сето тоа ќе се организира во зависност од обврските на нивните родители со договор.

– Се надеваме дека сето ова брзо ќе заврши и ќе можеме повторно да го отвориме Центарот и да продолжиме нормално со работа – потенцира Петрова.