„Сами сме дома” – нова хит новогодишна детска претстава во Дом на АРМ

70

Модерната, забавна и интерактивна новогодишна детска претстава „Сами сме дома“ во која глумат 70 ученици од актерската школа на Весна Петрушевска, ќе се прикажува во Домот на АРМ, оваа сабота, 10 декември, со почеток во 12 часот.

– Драги деца и родители, повелете да ја проследите новата хит новогодишна детска претстава „Сами сме дома“, која премиерно ќе биде оваа сабота, од 12 и од 14 часот, во Домот на АРМ. Со претставата сакаме да им покажеме на своите деца дека може да ги допрат ѕвездите – вели актерката Весна Петрушевска.

Таа додава дека да се работи со деца е огромен предизвик. Тие на првиот час доаѓаат не знаејќи дека за да бидеш актер, треба да го живееш актерскиот сон.

– Да бидам искрена, со многу работа, домашни работи и љубов, моите ученици прераснуваат во мали актери, кои на публиката може да ѝ ја пренесат сета среќа и тага од драмските текстови. Токму тоа го кажувам со самодоверба, затоа што знам колку напорно како сме работеле заедно за да го постигнеме тоа –  додаде Петрушевска.

Посветеноста на Весна Петрушевска кон најмалите љубители на пишаниот збор и театарот е голема. Од еден актерски час или проба во актерската школа секој ќе сфати дека тоа е единствено магично место, посветено на децата, каде што се даваат љубов и поддршка од децата за децата, каде што се забавуваат, но и учат и работат како вистински професионалци.