Најголемото разочарување на Мундобаскетот во Кина, селекцијата на САД, заврши на седмото место на Светското првенство што е нивни најлош пласман во историјата. После поразот од Франција во четвртфиналето и Србија во плејофот, САД ја совлада Полска со 87:74 во натпреварот за седмо место.

Лошите резултати на првенството не го шокирале еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА лигата, Коби Брајант, кој беше амбасадор на годинашниот Мундобаскет.

  • Не е проблем што останатите селекции од светот го достигнаа САД, туку што нè поминаа. Стигнавме до точка каде ќе победиме на некои натпревари, а некои ќе ги загубиме. Сигурен сум дека и следното СП селекцијата на САД ќе има проблеми со своите противници. Сметам дека и доколку го направиме најдобриот тим со најдобрите кошаркари – ќе имаме проблеми, веќе сите селекции играат добра кошарка, изјави Брајант за официјалната веб-страница на СП.

Тој играше двапати за репрезентацијата, на Олимписките игри во Пекинг и Лондон 2012 година – и го освои златото двапати.