И по две недели од трагичната несреќа во модуларната болница во Тетово во која животот го изгубија 14 лица, нема одговор кој е надлежен за тоа и кој треба да сноси одговорност. Јавноста чека одговор и разрешница на хоророт што се случи ноќта на 8 септември годинава. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за несреќата, во скоро време да се покрене обвинение за случајот, а во интерес на истрагата да се формира – анкетна комисија.

Како што веќе објави „Дојче веле“ тетовскиот ковид/центар вклучително и планот за заштита од пожар во тетовската модуларна болница бил во надлежност на в.д. директорот Флорин Бесими, кој си поднесе оставка, и друго одговорно лице од болницата. Според нив планот требало да се реализира на почетокот на работата на монтажниот објект, а за тоа покажуваат документите на Министерството за труд и социјална политика.

Планот за одржување на инсталациите за струјата, водата, одводната мрежа и греењето на тетовската модуларна болница не биле само под надлежност на надлежните на болницата, туку и на општината Тетово и комунален инспектор. Овој план требало да се реализира пред пуштање во употреба на болницата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, денеска посочи СДСМ и ДУИ, обвинувајќи се меѓу себе откриваат дека немало соодветен надзор на модуларните објекти, немало противпожарен систем за заштита, технички прием, ниту атестирани материјали, што би гарантирало безбедност на пациентите, што е вели, надвор од сите норми и правила, ова е нестручно и неодговорно работење од страна на надлежните органи.

-Јавното обвинителство да не чека и веднаш да покрене обвиненија, рече Велјановски.

Премиерот Зоран Заев околу барањето на опозицијата да биде формирана анкетна комисија за пожарот во болницата кажа дека ниту тој, ниту Парламентот треба да истражат еден орган.

– Конзистентни сме во политиките и ставовите што ги градиме. Нека излезе истрагата, нека сработат професионалците и експертите и нека кажат во суштина преку своите извештаи, а секако Парламентот потоа си има право да формира анкетни комисии, да дебатира, да анализира, да укажува, да коригира итн., рече Заев.

Што се однесува пак за тоа дали има простор за сомнеж за злоупотреба на средства од Светска Банка, Заев категорично вели дека ниту малку не се сомнева.

-Благодарни сме што Светска банка излезе со ваквите флексибилни алатки навремено за многу земји, така и за нас и да можеме проактивно да реагираме кога граѓаните беа блиску до можноста да останат пред паркинг/просторите пред Инфективната клиника. Потоа во инфективните клиники ниѕ државата да направиме модуларни болници кои се поставуваат времено заради прифат на граѓаните позитивни на ковид и обезбедување на доволни места. Истрагата ќе ги даде сите детали и сите одговори потребни за целото население, заклучи Заев.

Од Општина Тетово соопштија дека модуларните болници се градени според посебен закон, во кој е наведено дека Министерството за здравство е надлежно за сите аспекти од функционирањето на модуларните болници.

-Што се однесува до надлежноста на институциите за контролната и оперативната фаза во врска со тетовската модуларна болница ве известуваме за следното:Градењето на самата модуларна болница во Тетово како и на сите други низ државата, се изградени со посебен закон, каде што сите надлежности се насочени на централно ниво, односно министерството за Здравство кое го издава решението, се вели во соопштението од Општина Тетово и дополнуваат дека комуналните инспектори немаат надлежност да вршат контроли врз посебни објекти и градби од прва категорија.

Според нив и системите за безбедност и за гасење на пожар и контролата на нивната функсионалност се исто така се под надлежност на Министерството за здравство, односно и на други институции од централно ниво.

(В.Ма.)