Екипата на Бруклин го промени сопственикот пред стартот на новата сезона во НБА лигата. Мнозинскиот удел сега ќе биде во рацете на тајванскиот бизнисмен Џозеф Цаи (55) кој досега имаше 49 отсто од клубот. Во највредната продажба во историјата на американските спортови, рускиот милијардер Михаил Прохоров своите 51% му ги продаде на Цаи за 2.35 милијарди долари.

На тој начин ќе биде поставен нов рекорд при купување на спортски франшизи што досега го држеа Дејвид Тепер и Тилман Фертит кои платија по 2.2 милијарди долари за НФЛ тимот на Каролина пантерс, односно, за НБА екипата на Хјустон рокетс.

Цаи во 2018 година купи 49 отсто од акции на „мрежичките“ за што плати една милијарда долари за сега да додаде уште 1.35 милијарди долари за останатите 51 отсто, чиј газда е Русинот, Михаил Прохоров, за комплетниот управувачки пакет во клубот.

Новиот газда во најава на Бруклин е еден од коосновачите и потпретседател на групацијата „Алибаба“ и неговото богатство се проценува на 9.9 милијарди долари. „Нетси“ ова лето ги ангажираа Кајри Ирвинг и Кевин Дурент и се вбројуваат меѓу кандидатите за шампионскиот прстен во претстојната сезона во НБА лигата.