Канадскиот тенисер Брејден Шнур е последниот во низата играчи загрижени поради условите за игра на првиот грен слем сезонава – Австралија опан.

Шнур ги нарече Роже Федерер и Рафаел Надал „себични“ затоа што не успеаја да ја искористат својата позиција и не се спротивставија на одлуката да се презакаже Австралија опен поради опасните услови од загадениот воздух.

Големите пожари што ја зафатија Австралија донесоа многу чад во градовите во таа земја, а последиците беа катастрофални – со над 20 жртви и пустош кога е во прашање флората и фауната.

Словенечката тенисерка Далила Јакуповиќ мораше да го предаде мечот затоа што почна да се гуши, а таа е само една од тенисерките кои јасно и гласно кажаа дека условите за игра се опасни по здравјето. За опасните услови во Мелбурн зборуваше и Новак Ѓоковиќ, но не и Надал и Федерер.

  • Тоа мора да го кажат најпознатите тенисери. Роже и Рафа се малку себични затоа што мислат само на себе и на нивните кариери. Тие се близу до крајот на нивната кариера и мислат само на нивното наследство, а не на спортот и за тоа што е добро за него. Тие треба да направат нешто, изјави Шнур за „ААП“.

Канаѓанецот исто така опиша како се чувствуваше во текот на првото коло од квалификациите на Австралија опен, во кое го совлада Австриецот Себастијан Офнер со 2-1 во сетови.

  • Грлото целосно ми се исуши. Ова не е нормално и тенисерите кои имаат астма сега се во голема загуба, истакна Шнур.