Роденден на уметноста во Младинскиот културен центар

100

Младинскиот културен центар денеска ја отвора новата сезона со Роденден на уметноста, што ја организира осми пат и со слободен влез за посетителите. Настанот ќе почне вечер во 18 часот со работилница за деца и ќе опфати изложби, предавања за астрономија, претстава, промоција на книга и музичка програма.

Прва во низата настани е детската работилница „Играј со светлината”, чии ментори се Нина Максимовa, Дени Стојанов и Доротеј Нешовски, а целта е на децата да им се доближи театарот на сенки, игра со светлина и бои и имагинацијата за создавање ликови.

 

Предавања во Планетариумот на МКЦ, кои се организираат во соработка со Скопското астрономско друштво, ќе има во три термини – од 18 часот за деца до 12 години, а од 19.20 и од 20.40 часот за возрасни.

Од 19 часот во „Фросина” ќе биде промовирана книгата  „Македонска сага” од Сунчица Уневска, во која се содржани рецензии за македонски филмови од осамостојувањето на државата до денес што своевремено ги пишувала авторката – новинарка и филмска критичарка, почнувајќи од „Македонска сага” (1993) на Бранко Гапо, сè до „Втора шанса” (2019) на Марија Џиџева.

Промоцијата ќе почне со колаж од инсерти од македонските филмови во изминатите триесет години што за оваа пригода ги подготви Кинотеката. Книгата е во издание на „Аквариус”, а вечер ќе ја промовираат филмската критичарка Гена Теодосиевска и новинарот Емил Крстевски.

Во рамки на „Роденденот на уметноста” ќе бидат отворени и две изложби – „Портрет и личност” на Марина Убавкова од 20 часот во Галеријата на МКЦ, а со изложбата „Мали хумани иновации” на студентите од насоката Индустриски дизајн на Машинскиот факултет од 20.30 часот официјално ќе биде отворен и  реновираниот простор горно фоаје во МКЦ.

Делата што ќе бидат претставени на изложбата се развиени и изработени во проекти во текот на наставата по соодветните предмети. За изработка се користени рачни техники, компјутерски модели, нумерички управувани машини, ласерски техники… Доминира дрвото како обновлив материјал и металот кој може да се рециклира, како и други природни материјали и поретко пластиката.

Меѓу презентираните производи има светилки, парчиња мебел, играчки, алатки за приготвување храна и садови за сервирање.  Дел од одбраните творби се рачно изработени композиции инспирирани од природата, трансформирани со стилизирање, со цел да бидат применети во дизајн на производи.

Од 21 часот во „Фросина” е најавен настап на неформалната театарска трупа „Импров театар”. Музичката програма ќе почне во 20 часот со Бојан Чакра, кој ќе пушта мизика на плочи во просторот „Ап(о)тека”.

Од 22 часот се отвора сала „25 Мај” каде ќе настапат Dogs in Kavala, Porto Morto и The Local Blue кои ќе го промовираат новиот албум „2nd landing”. Диџеј-сетовите на Ивана Драгшиќ, Теа Шалдева и Виолета Качакова ќе го заокружат Роденденот на уметноста со забава во бифето која ќе почне по полноќ и ќе трае до раните утрински часови.