Со прогласувањето на наградените филмови и премиерата на филмот „Зад хоризонтот“ на Делфин Лариси во киното Милениум викендов беше затворен 18. Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“.

Во официјалната селекција, наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Лилијан“ од Андреас Хорват, Австрија, а „Сребрената ѕвезда“ за најдобра режија отиде кај филмот „Орај“ во режија на Мехмет Акиф Баукаталеј, Германија. Награда за најдобро сценарио „Сина ѕвезда“ доби Моуниа Медоур, сценарист и режисер на филмот „Душичка“. Беше доделено и специјално признание за филмот „Орај“ на Зејхун Демиров за инзвонредниот актерски перформанас. Во селекцијата СинеБалкан, пак, наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја доби филмот „Сестра“ во режија на Светла Кокоросова, Бугарија. Специјално признание прими и филмот „Куќата на агата“ во режија на Лендита Зекирај. Нововостановената награда за Најдобра филмска музика отиде кај композиторот Михаил Новински за „Со остар нож“ од Теодор Кун, за Најдобар студентски филм беше прогласен „Бела соба“ на Младен Станиќ, а Young Cinema Award од жирито на Џифони доби филмот „Душичка“.

Инаку, по премиерата на швајцарско-белгискиот „Зад хоризонтот“, во кој главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста и каде малцински продуцент е Кино Око, пред скопската публика се поклонија режисерката Делфин Лариси, продуцентката Елена Тати и македонскиот продуцент Роберт Насков.

„Ќе се согласите дека Пелагонија добро ѝ стои на Летиција Каста“, рече Насков потсетувајќи со изјавата дека поголем дел од филмот е сниман во Македонија. Ова остварување, ненаметливо ја раскажа приказната за пеколното лето во 1976 година и како тоа влијае на фармата и семејството на тринаесетгодишниот Гас. А токму тој е физички и емотивно растргнат помеѓу новата љубов на мајка му и нејзиното напуштање на семејството, исцрпувачката работа со татко му на фармата за да се спречат ефектите од сушата, трагичното губење на братучед му, како и неговите младешки предизвици.

Годинешниот Синедејс, во девет дена, имаше 97 филмски проекции, шест работилници, две промоции на книги, една изложба на фотографии и седум концерти. „Ова издание го следеше повеќе од 12 000 публика, имавме и стотина странски гости. Гласот за овој фестивал допира сè подалеку, дигиталната комуникациска стратегија ги покажа своите бенефити и знаеме дека се движиме во вистински правец“, вели Русе Арсов, в.д. директор на Младинскиот културен центар. (Н.И.Т.)