Ристо Василевски и Веле Смилевски – македонски учесници на Московскиот фестивал на словенските поезии

63

Во Москва вчера заврши Дванаесеттиот меѓународен фестивал на словенските поезии на кој учествуваа и македонските поети Ристо Василевски и Веле Смилевски.

„Годинашниот фестивал, одржан во онлајн издание, со поетски читања и дебати, беше посветен на новите трендови во словенските поезии, на интензивирање на соработката и меѓусебното преведување, како и на можното проширување на творечките контакти преку писателските асоцијации во словенските земји“, информираа македонските учесници.

Покрај македонските поети Ристо Василевски и Веле Смилевски, на фестивалот, меѓу другите, настапија и Радомир Андриќ и Љубиша Симиќ од Србија, Алекс Бадак и Валериј Липневич од Белорусија, Цветка Бевц од Словенија, Елка Наголова од Бугарија, Будимир Дубак и Радомир Уљаревиќ од Црна Гора, Рената Цинаг од Полска, Теодор Крижка од Словачка, како и Вјачеслав Купријанов, Ирина Ковалева, Евгениј Чигрин и Ала Шешкен од Русија.

„Основач и уметнички раководител на Фестивалот на словенските поезии е познатиот руски поет Сергеј Главјук, составувач на десеттоманата антологија на словенските поезии објавена на руски јазик. Избор од поезијата на Главјук е објавен на македонски јазик во превод и со предговор на Гане Тодоровски. Овој поет е од редот на плејадата светски автори учесници на Струшките вечери на поезијата“, истакнуваат нашите учесници.