Рекорден број заразени со коронавирус во Црна Гора

60

Рекордни 3208 активни пациенти заболени со коронавирус, се регистрирани денеска во Црна гора, што е 509 пациенти на сто илјади жители, објавија здравствените власти во оваа држава.

Денеска Црногорскиот институт за јавно здравје потврди 226 новозаболени лица, додека синоќа стигнале резултатите од околу илјада примероци кои што биле испратени во Германија на анализа, поради малиот капацитет на црногорските лаборатории, каде што се потврди коронавирусот кај уште 488 жители.

„Земајќи ги предвид сите новооткриени случаи, вкупниот број на моментално активни случаи на ковид-19 во Црна Гора е 3208, што е 509 пациенти на 100 илјади жители“, соопштија здравствените власти. Тие посочија дека станува збор за примероци земени точно две недели по одржувањето на парламентарните избори во Црна Гора на 30-ти август, кога, и покрај забраната, беа забележани масовни собири на приврзаниците на црногорската влада и на опозицијата.

Водечкиот црногорски епидемиолог Бобан Мугоша за РТЦГ изјави дека од 16 август до 6 септември над 100 000 луѓе присуствувале на политички митинзи или, како што рече, близу една четвртина од вкупното црногорско население.

Најмногу заразени има во Никшиќ , Беране и во Подгорица, градовите со најмногу политички митинзи.

Почетокот на учебната година во Црна Гора и почетокот на градинките се одложени за 1 октомври, но црногорските епидемиолози велат дека се разгледуваат сите опции и ќе се донесе одлука за започнување на наставата во зависност од епидемиолошката состојба.

Црна Гора само пред три месеци беше единствената земја без корона во Европа, но кратко време откако црногорската влада одлучи да ги отвори своите граници, вирусот повторно влезе на нејзината територија и брзо се прошири.

Во првиот бран на епидемијата, кога рестриктивните епидемиолошки мерки беа во сила скоро два и пол месеци, се заразија само 324 лица, а девет од нив починаа како резултат на инфекцијата.

Во вториот бран, кој започна кон средината на јуни, 8.388 Црногорци се заразија со вирусот, а 118 заразени починаа за помалку од три месеци.