Реконструкцијата на Кумановскиот театар стартува напролет

125

„Пред десетина дена успешно е завршен проектот за реконструкција на Кумановскиот театар кој го изработи градежната фирма ‘АРХИУМ’ од Скопје. Резвизијата е завршена, а од Министерството за култура обезбедени се пари. Тие рекоа дека ќе ја преземат обврската за распишување на тендер за изведба. Би требало во февруари, откако ќе помине Буџетот, да се рапише тендерот, а некаде на пролет да се започне со првата фаза од реконструкцијата на театарот“, вели  за весникот “ВЕЧЕР“ Сашо Тодоровски директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“-Куманово, под чија надлежност е и Кумановскиот театар.

Проектот за реконструкција ќе ги вклучува сите фази – архитектура, термодинамика, електрика, статика, водовод, а како што ни истакна Тодоровски, првата фаза, најверојатно ќе започне од санација на темелите, па ќе се движи нагоре – гледалиште, сцена, кров, како што предложиле и архитектите.

„Сè ќе зависи од обезбедувањето на финансиските средства. Засега Министерството за култура има обезбедено 10 милиони денари, а во 2021 веројатно ќе се обезбедат уште 10 милиони денари за да можат да се реализираат две-три фази од проектот“, додава Тодоровски кој појаснува тој ќе биде распореден во четири или пет фази.

Во разговорот со „ВЕЧЕР“ тој посочува и дека најважно е да се реконструира архитектурата на објектот, бидејќи театарот е во лоша состојба, а зградата е изградена некаде 1950-52 година. „Протекува кровот, сцената е лоша, столчињата за гледачите се стари и на Театарот комплетно му треба една модернизација и адаптација. Сметам дека токму сега во време на пандемија, средствата наместо за претстави кои ќе се прикажат само на затворени премиери треба да се пренаменат за санација на објектите (кров, прозори)…“, додава директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Како што е познато министерката за култура Ирена Стефоска при презентацијата на експозето за предлог-буџетот на Министерството за 2021 најави дека меѓу другите проекти е предвидена и реконструкцијата на театарот во Куманово. (Н.И.Т.)