РЕКЕТ- Од афера до риалити шоу: Кој е големиот брат?

334

Не стивнуваат реакциите и шпекулациите за аферата „Рекет„ и по цел месец од нејзиното објавување. Дел од медиумите објавија дека специјалната обвинителка Катица Јанева, чиј глас се слуша во објавените разговори меѓу првоосомничениот Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев, во текот на денов ќе биде повикана на распит во ОЈО. Обвинителите се на одмор, а целата истрага се разводнува до степен до кој за наводна вмешаност во “Рекет„ се шпекулира и со имиња на ѕвезди од српската естрада.

Српски Курир во своето издание од вторникот обелодени шокантна вест. Имено, српскиот весник пишува дека првоосомничениот за случајот „Рекет“, Боки 13, го рекетирал Орце Камчев за 1.5 милион евра за, меѓу другото, да ѝ ги врати парите што ѝ ги должел на својата многу блиска пријателка Јелена Карлеуша.

Како што објави српски „Курир“, Боки 13 на неколку наврати позајмувал пари од Карлеуша, а кога западнал во финансиски проблеми, се здружил со премиерот Зоран Заев и неговиот советник Зоран Башановиќ, како и специјалната јавна обвинителка, за да го рекетираат Камчев.

– Карлеуша и Боки 13 се познаваат долги години, а беше близок и со нејзината мајка Дивна, од која најчесто и позајмуваше пари. Кога влезе во долгови и кога естрадната кариера не му одеше баш најдобро, реши на лесен, но валкан начин да дојде до големо богатство. Тоа би му ги решило сите проблеми, барем така мислеше. Така би ги ѝ вратил на Карлеуша парите кои ѝ ги должи, ќе го покриеше минусот кој го има во банка, а остатокот би го искористил за бизнис кој би му донел пари, а половината би требало да ги подели на сите останати кои се вмешани во случајот „Рекет“, вели извор за српски Курир.

Воден од оваа идеја, почна да преговара со Камчев. Почетната сума која ја побарал од бизнисменот е 8 милиони евра, за на крајот да добие 1,5 милиони во кеш, спакувани во торба Луј Витон. Снимката на која Боки ги зема парите од Камчев ја објави пред една недела италијанскиот весник Ла Верита. На 4 март Камчев беше ослободен, а пред месец дена Боки 13 беше уапсен на граничниот премин Богородица, и моментално е во затворот во Шутка, како првоосомничен за случајот „Рекет“, објави српски „Курир“.

Јелена Карлеуша за „Репортер“ демантираше дека му дала пари на Бојан Јовановски и вели дека пишувањата се лага. Таа додава дека никогаш не му позајмила пари на Бојан, но и дека ѝ е жал за сè што му се случува во моментов.

-Информациите што ги прочитавте во српските медиуми се апсолутна груба лага. Бојан никогаш од мене не позајмил пари. Никогаш ништо не ми должел, ниту имам сознанија дека му е должен некому во Србија. Сè што можам да кажам за Бојан е дека отсекогаш самиот си плаќал сè, никогаш никој не му го платил дури ни ручекот. Многу ми е жал за сè што се случува и се надевам дека Бојан ќе има јасна и цврста одбрана на своето име. Тука никој не е ни луд ни глупав, јасно е дека работите не се такви како што изгледаат и дека Бојан е жртвено јагне на многу посериозна група луѓе. Се надевам дека ќе има фер судење, рече Карлеуша во изјавата за „Репортер“.

За потсетување, Јелена и Боки 13 се познаваат долги години, а тој беше близок и со нејзината покојна мајка Дивна Карлеуша.

Српски Курир неодамна објави информации дека првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, за време на полициското сослушување после неговото приведување рекол дека поседува докази против премиерот Зоран Заев и неговиот советник Зоран Башановиќ, кои ги сочувал на сигурно на повеќе адреси.

 Гајсер прогнозира крај на премиерската кариера на Заев

Новинарот на весникот „Ла Верита“, Ларис Гајсер по објавувањето на „бомбите“ за случајот „Рекет“ за италијанското радио Каподистрија ги анализираше случувањата поврзани со аферата. Смета дека по објавувањето на снимките,  политичката кариера на македонскиот премиер Зоран Заев завршила и навести оти во земјава ќе има промена на премиер.

Тој во разговор за радиото кажа дека по објавувањето на аудио разговорите очекувал дека лицата чии гласови се слушаат ќе негираат дека се работи за нив.

„Не спиев од страв дека луѓето од снимките ќе негираат дека се тие. Нешто што е сосема легитимно. Но, сите признаа дека се работи за нив“, вели Гајсер.

Тој рече дека се разоткрила системска корупција, и политичка и судска, а аудио разговорите јавно ги објавиле зашто се стравувало дека ќе исчезнат доказите.

Според него, претседателот Пендаровски со прес-конференцијата покажал дека полека се дистанцира од Заев.

„Македонија го смени името како подарок за Грција. По овој скандал, сигурен сум дека Заев ќе ја заврши кариерата на премиер. Заев нема меѓународен кредибилитет“, рече Гајсер.

 

На прашањето дали се познава со поранешниот премиер Никола Груевски, тој „призна дека имал контакт со луѓе на Груевски од минатото, но дека лично не го познава ниту него, ниту Виктор Орбан“.

Гајсер уште изнесе информација дека српскиот претседател Александар Вучиќ „го преупредил Заев дека му се подготвува сценарио“.