“Како и секој од нас, поминав низ неколку фази на соочување со она што се случува. Но, сепак, успеав да најдам модус да функционирам во новите услови. Јас сум непоправлив оптимист и во најцрните ситуации. Светот мора да оди напред и не смееме да потклекнеме. Мораме да се соочиме со реалноста, да внимаваме на себе и на оние околу нас, да ги применуваме протоколите и сè ќе биде во ред. Доколку сите се однесуваме на овој начин, не гледам причина зошто не би се обиделе да се вратиме во театрите. Барем во редуциран капацитет, за почеток“, вели режисерот Евтимов кој во Театар Комедија подготвува нова претстава “Си беше еднаш“. Со претстава во негова режија “Чао пријатно“, на 28 септември стартува и фестивалот “Гола месечина“ – на отворено

 

Претставите кои режисерот Синиша Евтимов ги прави во Театар Комедија, но и со актерите вработени во овој театар, секогаш со задоволство се дочекувани од публиката, а побарувачка на билетите секогаш била поголема од можноста да бидат изиграни доволен број на претстави. Годинава со “Чао пријатно“, во негова режија, (претстава во приватна продукција), вечерва 28 септември во реонскиот центар Аеродром, стартува фестивалот “Гола месечина“ кој ќе трае до 3 октомври. На 31 август, пак, беше најавен и почетокот на пробите за новиот проект на Театар Комедија, претставата “Си беше еднаш“ за која режијата повторно ја потпишува Евтимов… Со оглед на неговата успешната соработка со оваа театарска куќа, побаравме да ни открие некои детали за новата претстава и што публиката овој пат може да очекува.

“Претставата ја работиме по мотиви на драмата “Fools”, од Нил Сајмон, која зборува за глупоста и ограниченоста на обичниот човек и моќта на љубовта.

Станува збор за еден од најдолгите процеси во мојата професионална кариера, поради добро познати причини (ковид-19), па следствено на тоа, претставата преживеа неколку препишувања, за да стигнеме до конечна верзија, која верувам долго ќе живее на сцената на Театар Комедија“, вели режисерот Евтимов.

Ова е и прва претстава која Театар Комедија ја работи од почетокот на пандемијата, а пробите започнаа на отворено…

“Ова всушност требаше да биде првата премиера на Театар Комедија за 2020 година. Пробите започнаа во февруари, премиерата беше закажана за светскиот ден на театарот, 27 март, а потоа сите знаеме што се случи. Моравме сите да се адаптираме на “новото нормално” и во првиот момент кога се создадоа услови за проби на отворено, се вративме на работа. Пробите ги одржуваме во дворот на Театар Комедија, по сите безбедносни протоколи. Токму овие протоколи ме предизвикаа да работам на еден сосема поинаков начин, особено кога станува збор за мизансценот, па во таа смисла, се обидувам на секој актер да му создадам сопствен простор за креација, без опција за контакт. Станува збор за не баш мала екипа, особено во новонастанатиот контекст, па се трудиме да останеме максимално безбедни“, вели Евтимов.

Пандемијата не стивнува, напротив… Колку во овие услови е можно да се работи претстава и со какви проблеми се соочува една екипа при процесот на создавање на претстава, е прашање на кое исто така добивме одговор.

“Условите се исти за сите. Ако не сме на сцена, ние не постоиме. Мора да работиме. Проблеми имало и секогаш ќе има, но тие за нас се предизвик, а не оправдување. Како што споменав, се обидуваме соодветно да одговориме на предизвиците на совремието, преточувајќи го секој дефект, во ефект“, додава Евтимов кој посочува дека во моментов претставата се подготвува за играње на отворено, но доколку се создадат услови ќе се префрлат на сцена.

За расположението на актерите за најавеното продолжување на пробите за новата претстава во услови на пандемија, кога сепак здравјето може да им биде доведено во опасност од зараза, Евтимов вели: “Сите се пресреќни. Долго време бевме затворени и без ангажман, а тоа е најстрашно, па приликата да се вратиме на работа, ја прифативме веднаш. Во претставата играат добро познатите ѕвезди на Театар Комедија, засилени со неколку нови млади актери со кои прв пат работам и за кои можам да зборувам само во суперлативи. Имам совршена екипа која несебично се вложи и верува во она што го работиме. Верувам публиката ќе го препознае тоа кога ќе ја гледа претставата“.

Секако, целата ситуација со вирусот и тој ја доживеа на свој начин, но како што вели, оптимист е дека работите полека ќе се нормализираат, а публиката ќе се врати во театрите…

“Како и секој од нас, поминав низ неколку фази на соочување со она што се случува. Но сепак успеав да најдам модус да функционирам во новите услови. Јас сум непоправлив оптимист и во најцрните ситуации. Светот мора да оди напред и не смееме да потклекнеме. Мораме да се соочиме со реалноста, да внимаваме на себе и на оние околу нас, да ги применуваме протоколите и сè ќе биде во ред. Доколку сите се однесуваме на овој начин, не гледам причина зошто не би се обиделе да се вратиме во театрите. Барем во редуциран капацитет, за почеток“. (Д.Т.)