Реал Мадрид објави дека се раздели со тренерот Пабло Ласо, кој имаше здравствени проблеми на крајот од минатата сезона. „Кралскиот“ клуб соопшти дека соработката со трофејниот стратег завршила „само од медицински причини“, откако Ласо доживеал срцев удар за време на плејофот од шпанското првенство.

За среќа, состојбата на педесет и четиригодишниот тренер брзо се стабилизирала и тој по еден ден бил отпуштен од болница. Неговата рехабилитација се одвива според планот, но се проценува дека се уште е рано да се врати на професионалните обврски.

  • По срцевиот удар што го доживеа нашиот тренер пред неколку недели, Реал Мадрид направи неколку консултации со лекари и кардиолози и сите од нив изразија очигледен ризик за неговото здравје да продолжи да биде тренер во овој момент, се вели во соопштението на Реал, кој ќе ги исполни сите финансиски обврски од договорот што Ласо го имаше до 2023 година.

Ласо е на кормилото на Реал од 2011 година, а претходно беше тренер на Кастело, Памеса, Кантаприја и Џипуско. Со Реал е двократен освојувач на Евролигата.