Реакција за донесувањето на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти

27

До: Претседателот на Република Северна Македонија
Г-н Стево Пендаровски

Предмет: Реакција за донесувањето на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти и барање за враќање на истиот во Собрание

Почитуван Претседател г-н Пендаровски,

Со контроверзен наслов и контроверзна содржина Собранието вчера донесе Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти.

Граѓанските организации ја објавија својата реакција во јавноста и Ви се обраќаат со своето образложение за потребата од враќање на Законот во Собранието. Вашата улога е од круцијално значење за спречување на негативните последици од овој Закон не само по заштитата на животната средина и природата, туку и по нашиот правен поредок.

Законот е спротивен на Уставот, односно на барем две од темелните вредности во чл. 8 (владеење на правото и уредување и хуманизација на просторот и заштита на животната средина и природата).

Законот не е усогласен со Законот за заштита на природата и Законот за води каде што постоење на било какви градби во одредени зони и подрачја е строго забрането, притоа за такви локации нема потреба од дополнително мислење од страна на надлежните институции наведени во новиот Закон.

Во Законот стои дека бесправни објекти ќе можат да се легализираат и во национални паркови и заштитни зони (за водоснабдување), притоа дозволата за легализација ќе треба да се добие врз основ на мислење од страна на јавната установа- управител со паркот или Министерството за животна средина и просторно планирање. Кога Министерството за животна средина и просторно планирање и другите наведени институции даваат мислење, тие треба да се водат по Законот за заштита на природата и Законот за води, но досегашната пракса не покажала дека ова доследно се применува. Дополнително, секогаш кога се бара мислење од институција за нешто (кое што веќе е дефинирано согласно друг закон) се отвара простор за коруптивни пракси.

Сведоци сме на огромниот број дивоградби кои се јавуваат во заштитените подрачја, дури и во оние од највисока категорија во државата- национални паркови. Во време кога државата е посветена на заштита на природата и прогласување на нови заштитени подрачја, се носи закон со кој сето она кое во овие подрачја е неприфатливо ќе стане предмет на легализација и ќе продолжи да прави штета на природата, која примарно е заштитена со самото прогласување на подрачјето.
Законот поттикнува мешање во ингеренциите на надлежните институции кои треба да се грижат за заштитата на животната средина, природата и здравјето на нашите граѓани.

Дополнително, за овој Закон не е подготвена проценка на ризиците, која би била неопходна за вистински да се увидат влијанијата од истиот. Наместо тоа, истиот се носи по скратена постапка не овозможувајќи учество на јавноста и засегнатите страни.
Носење на вакви закони какви што имавме и во минатото, испраќа порака дека непланската градба и лошата градежна пракса можат да продолжат и понатаму. Овој закон само го озаконува криминалот и најверојатно ќе води и до прекинување на кривични постапки покренати согласно други закони. Членот 41 од законот со кој се прекинуваат речиси сите постапки (управни, кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек, сериозно ќе го загрози принципот на владеење на правото и правната сигурност, притоа подривајќи го ефектот на специјална и генерална превенција на казните за прекршување на законите.

Поради гореизнесеното, Еко-свест и WWF Adria и сите долупотпишани организации бараат од Претседателот Стево Пендаровски да го врати Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти во Собранието на Република Северна Македонија на измени и доработка. Воедно, бараме Законот откако ќе претрпи измени кои ќе ги елиминираат контроверзните елементи, да се донесе по редовна постапка со спроведување на консултации со јавноста и јавна расправа.

Со почит,
Ана Чоловиќ Лешоска
Центар за истражување и информирање за животна средина Еко-свест
WWF Adria

Поддржано од:
Институт за демократија- Социетас Цивилис
Институт за комуникациски студии- ИКС
Зелен Институт
Македонски зелен центар
Здружение на инжинери за заштита на животната средина
Натура МК
Центар за управување со знаење
Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ)
ЦЕД Флорозон
Е. Д. Роса
Здрава Котлин
Центар за истражување и информирање за животна средина Еко-свест