Растат онлајн нарачките од непроверени трговци, поштенските оператори да чуваат записи со адресни податоци

102

Евиденцијата за услугите со поштенските пратки со откупнина треба задолжително да ги содржи адресните податоци на примач и на испраќач, а отсуството на запис со целосни адресни податоци е непочитување на дозволата за работа и свесно помагање на сивата економија, и подлежи на санкции, укажува Агенцијата за пошти.

Регулаторното тело на поштенскиот пазар констатира дека граѓаните се уште многу често нарачуваат и купуваат разни добра преку интернет од непроверени продавачи. Во зголемениот обем на поштенски услуги од on-line нарачки од почетокот на  рестрикциите, значителен е уделот на пратки со откупнина, кои потекнуваат од нерегистрирани трговци, од продажба преку социјалните мрежи (фејсбук и инстаграм) и од друг вид нелегална трговија. Притоа, укажува Агенцијата, се поприсутен е притисокот на испраќачите-трговци врз давателите на поштенски услуги, доставувачите да ја наплаќаат цената од примачите, во готови пари (т.н. откупнина за поштенските пратки ) и наплатениот износ, исто така во готовина, да го предадат на испраќачите.

Како што оценува Агенцијата за пошти, отсуството на запис со целосни адресни податоци (име и презиме/назив за физички и правни лица и нивни полни адреси) за идентификација на секој испраќач-трговец, во евиденцијата за извршени поштенски услуги на давателите на поштенски услуги, е неисполнување на правата и обврските од издадената дозвола за работа. Таквото деловно работење и пракса на давателите на поштенските услуги, укажува агенцијата, би можело да значи и свесно помагање на нелегалната трговија, сивата економија и недозволените активности воопшто, однесување кое што го санкционираат други надлежни инспекциски органи

-Од тука, во духот на добра деловна практика и професионалната соработка, укажуваме  на потребата од зголемена свесност за одговорноста на секое правно лице -лиценциран давател на поштенски услуги и на одговорното лице во тоа правното лице, за доследно спроведување на дадените обврски од Агенцијата по однос на поштенската евиденција, документирање и чување на записите. Секое спротивно постапување  кое не е во согласност со пропишаните обврски на давателите на поштенски услуги, подлежи на санкции, предупредува Агенцијата за пошти.