За разлика од минатата, од МОН стигна информација дека годинава учениците навреме ќе ги добијат свидетелствата. Во пресрет на уписите во средните училишта, министерот за образование и наука Јетон Шаќири деновиве упати апел до деветтоодделенците да се фокусираат на средното стручно образование, посочувајќи дека со ваква диплома полесно ќе може да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошно академско образование. Матурантите, пак, на 10 јуни ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура во јунската испитна сесија, откако првиот беше одржан на 27 мај

Денес (9 јуни) започнува распустот за средношколците, а за неколку дена, односно на 14 јуни и за основците, со што завршува учебната 2022-2023 година, која ја обележаа недостигот на учебници за дел од учениците, губењето часови поради дојавите за поставени бомби во училиштата, протестите на дел од матурантите, како и штрајкот на вработените во ДИЦ, одговорни за организирањето на матурата.

За разлика од минатата, од МОН стигна информација дека годинава учениците навреме ќе ги добијат свидетелствата.

– Учениците од основните и од средните училишта навремено ќе ги добијат свидетелствата за учебната 2022-2023 година, односно во текот на јуни. Бирото за развој на образованието, под чија надлежност е спроведувањето на постапката за набавка на педагошка документација за училиштата, вклучително и свидетелствата, веќе ја реализираше оваа обврска. По целосната испорака, секое училиште индивидуално ги одредува датумите за доделување на свидетелствата за секое одделение – соопштија неодамна од МОН.

Во пресрет на уписите во средните училишта, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, деновиве упати апел до деветтоодделенците да се фокусираат на средното стручно образование, посочувајќи дека со ваква диплома полесно ќе може да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошно академско образование. Запишувањето на учениците во средните училишта за 2023-2024 ќе се врши на 20 и 21 јуни и на 27 и 28 јуни, преку порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk). Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во соработка со општините и со компаниите, во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование. Во училиштата, пак, каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот, а кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање.

Матурантите на 10 јуни ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура во јунската испитна сесија, откако првиот беше одржан на 27 мај. Сепак, неговото одржување беше неизвесно поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар, кој траеше од 25 април до 12 мај. ДИЦ штрајкуваше три недели со барање за поголеми плати за 29-темина вработени. Министерот Шаќири тогаш им порача да почекаат да се реши општиот колективен договор и беше дециден дека полагањето ќе почне во закажаниот термин. На 12 мај, Синдикатот на ДИЦ го стави штрајкот во мирување со порака до матурантите дека одлучиле да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на нивната иднина, но и со порака до Шаќири дека со насилни мерки и притисоци се обидел да внесе надворешни лица во процесот, кој е со висок степен на тајност, при што би се довеле во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата.

Учебна година која не беше лесна за учениците

По две пандемски години полни со неизвесност и страв, и оваа учебна година не беше лесна за учениците. На 1 септември 2022 година, околу 255 илјади основци и средношколци се вратија во училишните клупи без антиковид-протоколи, но почетокот на учебната година ќе остане запаметен и по тоа што околу половина од основците, односно оние од прво, второ, четврто и од петто одделение останаа без учебници. Тие доцнеа затоа што во тек беа постапките за нивно одобрување.

До пристигањето на учебниците со новите наставни програми, а согласно со Концепцијата за основно образование, која МОН неколку години етапно ја спроведува, учениците требаше да учат од привремени материјали (како работни тетратки), кои го разработуваа наставниот материјал за првото тримесечје, а за што државата потроши 640 илјади евра. Од МОН лани есента информираа дека учебниците почнале да се распределуваат до училиштата од средината на ноември, но кај поголемиот број ученици тие стигнаа до крајот на декември, а некаде и на почетокот на второто полугодие. Како што изминуваше учебната година и како што пристигнуваа информации од училиштата, стануваше јасно дека дел од учениците ќе останат без учебници по некои предмети и цела учебна година. Иако министерот Шаќири во изјавите повеќепати ветуваше дека ќе се реши проблемот со учебниците, сепак, информациите „од терен“ беа поинакви.

Деновиве јавноста беше повторно изненадена од информацијата што две недели пред крајот на учебната година, во основните училишта пристигна учебникот по Македонски јазик за петто одделение, подготвен согласно со новата Концепција за основно образование. Од МОН го објаснија доцнењето со непријавувањето автори за негова изработка.

– По три неуспешни јавни повици за пријавување автори за изработка на учебник по Македонски јазик за петто одделение, објавени минатата 2022 година во март, јуни и во јули, дури во четвртиот обид во август се пријави авторски тим, кој достави предлог-ракопис. Подоцна ракописот два пати беше вратен на корекција од страна на БРО и по неговото конечно одобрување од Националната комисија за учебници, склучувањето договор со авторите за пренесување на авторските права во април годинава, учебникот графички се уредуваше, по што беше пуштен на печатење и дистрибуција до училиштата, која заврши деновиве – соопштија од МОН.

За потенцирање е и фактот што во два учебника, кои основците од пониските одделенија ги чекаа речиси цело прво полугодие, се појавија грешки. Најкарактеристичен е примерот со учебникот Историја и општество за петто одделение, подготвен според новата Концепција за основно образование, во кој иако уште лани беа констатирани низа грешки и нелогичности на кои целата јавност бурно реагираше, тој неодамна беше повлечен од употреба. Од МОН рекоа дека во тек е јавен повик за нов учебник по Историја и општество за петто одделение, но не даваат конкретен одговор дали учениците до 1 септември ќе добијат нов.

Инаку, основците повеќе години се соочуваат и со недостиг на учебници по странски јазици.

Деновиве, министерот Шаќири изјави и дека МОН ќе го даде максимумот учебната година од 1 септември да не започне со подготвителни материјали. Посочи дека за 80 проценти од предметите веќе има доставено ракописи, а за предметите за кои не се пријавуваат автори на повиците за учебници, како што е Македонски јазик за трето одделение, ќе се бара решение ако треба, како што рече, „и со подготвителни материјали“.

-Може да имаме проблеми, но не верувам за сите предмети, зашто веќе имаме ракописи. Може да се за еден, два или три предмети, но не можам да предвидам и верувам дека и за нив не треба да има проблеми, рече тој.

По изјавата на министерот, станува сè поизвесно дека дел од учениците ќе ја почнат идната учебна година без некои учебници.

Покрај немањето учебници, учениците, наставниците и родителите беа засегнати од дојавите на бомби во училиштата. Почнувајќи од крајот на октомври и во текот на ноември и декември, најпрвин во повеќе скопски средни училишта, а потоа и во основните во главниот град, но и други градови во Македонија, по електронска пошта пристигнуваа заканувачки пораки за поставена експлозивна направа. Тие денови учениците губеа часови, при што средношколците поминуваа поголем дел од времето надвор, пред училиштата, а, пак, родителите на помалите од основните училишта излегуваа од работните места и испаничени трчаа да ги земат. Како што посочија тогаш од МОН, училишните раководства имаат должност да изнајдат начин како да ги надоместат пропуштените часови. Дојавите за поставени бомби во основните и во средните училишта особено се интензивираа на почетокот од второто полугодие, особено во февруари, кога во некои денови беа засегнати по стотина училишта на целата територија на нашата земја. Тие особено предизвикуваа траума кај помалите ученици, но и страв и нервоза кај родителите и кај наставниците, па еден период се размислуваше и дали ќе се врати онлајн наставата. За среќа, еден ден во март престанаа да стигнуваат информациите за дојави за бомби во училиштата. Во мај, пак, македонската и регионалната јавност ги потресе немилиот настан со убиството на повеќе ученици од соученик во основно училиште во Србија, што го отвори прашањето за безбедноста на учениците во училиштата и за врсничкото насилство.

На 10 јуни вториот екстерен испит од државната матура

На 10 јуни, во јавните средни училишта ќе се реализира вториот екстерен испит од државната матура во јунската испитна сесија. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика. Првиот екстерен испит се одржа на 27 мај. Термините, пак, за августовска испитна сесија се на 9 август за македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература; и на 11 август за математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Да потсетиме, годинава дополнително беше олеснето полагањето државна матура, бидејќи во март дел од средношколците, организирани преку Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), на протест пред МОН побараа кратење на материјалот што е предвиден за полагање државна матура поради она што го поминала нивната генерација во изминативе четири години. По протестот и по средбите на Сојузот на средношколците со МОН, поголемиот дел од барањата на матурантите беа прифатени. (Н.И.Т.)