Распишан поетскиот конкурс „Антево перо“ за 2022 година

65

Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ распишува Конкурс за доделување на наградата „Антево перо“ за 2022 година, востановена во чест на творештвото на Анте Поповски, бардот на современата македонска поезија.

Наградата се доделува за необјавена поетска книга и може да се пријават сите автори кои имаат поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературното искуство или државата во која живеат.

– Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот. Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на самата манифестација, соопштија организаторите.

Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12, и да бидат пратени во електронски pdf формат или word на електронската адреса: antevopero@gmail.com до 28 август 2022. Кандидатите може ракописот да го достават под свое име и презиме или под шифра.

Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена комисија, во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Атина Цветаноска и Жорж Поповски, и одлуката ќе ја соопшти за време на манифестацијата, во средината на септември годинава.