„Речиси секој ден пишувам, така што неколку романи чекаат ред за објавување. Во главата ми се врткаат неколку теми од моите студентски и докторски случувања, и чекам време кога ќе созреат да ги ставам на хартија. Пандемијата на ковид-19 веќе ја споменувам во некои раскази и би сакал да напишам роман, но мислам дека сè уште е рано бидејќи состојбата со неа сè уште е акутна и трае и крајот е хипотетички, а постојат и многу непознати, посебно околу нејзината генеалогија“, вели за ВЕЧЕР, писателот Плавевски, чија најнова книга „Боксерот од Ново маало“ за 2020 ја доби престижната награда „Стале Попов“ на ДПМ

Вашиот роман „Боксерот од Ново маало“ ја доби престижната награда „Стале Попов“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за најдобра прозна книга во 2020 година. Како гледате на наградите и какво значење имаат тие за Вас?

Наградите се, или треба да бидат, потврда за квалитетот на делото на авторите, или, поточно кажано, за вредноста на авторот во одредена област. Обично наградите ги доделуваат жири-комисии со компетентни личности за оценка на делото. И јас сум бил во повеќе жирикомисии и можам да кажам дека наградата, на некој начин, е усогласена одлука на жири-комисијата за одредено дело кое се истакнува со својата вредност над другите дела. Од таа гледна точка, наградата која ми ја додели Друштвото на писателите на Македонија за најдобра прозна книга во 2020 година, ми претставува посебна чест, и гордост, секако, за моето литературно творештво. Наградата „Стале Попов“ во мене влеа дополнителен надеж и елан да продолжам со пишувањето.

За оние кои сè уште не ја прочитале книгата, кој е всушност Боксерот и која е неговата приказна која успеа да Ве инспирира да напишете роман?

Некои колеги по перото ме нарекуваат хроничар на предземјотресно Скопје, бидејќи најголемиот дел од моите објавени прозни дела ги опфаќаат личностите кои живееја во Скопје пред катастрофалниот земјотрес во 1963 година, земјотрес кој и јас лично го преживеав. Личноста за која пишувам, со прекар Шуре Катиљот, беше вистинска личност кој беше познато маалско тепачиште, страв и трепет на Ново маало. Поради тие особености, повеќепати беше затворан. Последниот пат во затворот во Идризово директорот му се заканил оти ако повторно влезе во затвор, нема толку брзо да излезе. Затоа му препорачал за да не си има работа со полицијата и затворот, да се бави со бокс, бидејќи во боксерскиот клуб им требаат такви типови, а може да стекне и некаква слава. Шуре Катиљот ме побара мене, вториот главен лик во книгата, кој како дете многу читав и важев за „маалски глауч“, кој многу знае, да му прочитам од книга сè што пишува за боксирањето како спорт. Јас зедов од библиотека книга за боксот и му ја прочитав повеќе пати. На мој предлог заминавме во Скопскиот стадион каде што имаше боксерски клуб. И, Шуре Катиљот го примија за боксер на клубот и, потаму…, да оставам на читателите да ја прочитаат книгата за да ја следат неговата кариера и згодите и незгодите што се поврзани со боксерската дејност. Личностите и околностите за тој период се вистинити. Морам да му се заблагодарам на Зоран Михајлов, спортскиот коментатор, мојот одличен пријател, кој ми ги даде сите податоци што ми требаа за тоа време и за боксот.

Интересно е што Вашата професија всушност е доктор. спец. оториноларинголог, но Вие сте и страстен фотограф, автор на драмски текстови и сценарија за телевизиски серии… Како се случи во тој широк спектар на интереси да ја изберете медицината како професија и дали постои некоја област од уметноста која остана Ваш нереализиран сон?

Искрено кажано, од прво одделение, па до завршување на гимназијата сум бил скроз одличен ученик, а и Медицинскиот факултет го завршив со висок просек. Уште од прво одделение почнав да читам и, покрај учењето, постојано многу читав до тој степен што ме прашуваа за непознати работи, а јас ги знаев. Почнав да пишувам песни и раскази уште во осмолетка и, на мое чудење, добивав награди, што ми беше чудно оти ме наградуваа за мои измислици! Никогаш не сум си рекол – е сега ќе пишувам за ова и она, бидејќи пишувањето ми доаѓаше само од себе. Така и денес пишувам. Тука сум согласен со Фројд дека, барем кај мене, потсвеста ми се буни и буди, барем во пишувањето. Во тоа време за мене докторите беа исклучително способни луѓе кои спасуваат нешто многу битно за секого – животот. Тајната за медицината ми беше опсесија иако сакав да бидам режисер, но тогаш во Скопје немаше студии за театарска и филмска режија и требаше да одам во Белград, што лично не ми се допаѓаше, а бидејќи бев скроз одличен ученик, без проблем се запишав на Медицинскиот факултет.

Што е она што секогаш Ве поттикнувало да творите, независно од сферата на моменталниот интерес. Од каде доаѓа таа инспирација?

Интензивно почнав да пишувам кога веќе се занимавав со мојата докторска професија. Мислам дека и контактите со пациентите се значајни во тој поглед – ако сте добар доктор и сакате да ги ислушате тегобите на пациентот пред вас, тогаш ќе ги ислушате и сите негови јадови, животни маки и премрежиња. Дневно најмалку од 30 до 50 пати. А кажаното, сакале или не, се впива во мене, тоне во свеста и во потсвеста и по некое време, преку пишувањето извира во писание врз хартијата. Воопшто не се напрегнувам да се сетам на нечии тегоби, тие скриени во моето его сами наоѓаат простор да се разоткријат во напишаното, збогатено со стилот на пишувањето и драматургијата на дејствието. Секако, до објавувањето во книга или изведба на драма или прикажување на екран поминувам низ кошмарот на вредни уредници, разноразни совети и расправии со режисери кои режираат мој текст со право да „штрихаат“ (отфрлаат што сакаат од текстот), а артистите да ги менуваат репликите. Преку драмите и сценаријата се судрувам со т.н. „групна, колективна уметност“, во која најмногу страда авторот на текстот, за разлика во објавените раскази и романи каде што трпам само лектура и коректура.

Во Вашите книги главно го опфаќате шмекот на маалскиот живот на предземјотресно Скопје, 60-тите, 70-тите… Дали е тоа носталгија за едно време во кое животот бил поубав, побезгрижен…?

До пред самиот земјотрес, кој го разори Скопје предизвикувајќи 1086 жртви и илјадници ранети, живеев во Ново маало, а учев во основното училиште „Браќа Миладиновци“. Значи, детството како најубавиот период од животот го поминав во маало кое имаше свои правила на живеење – соседот е најблискиот пријател, позначаен и од роднините кои живеат некаде далеку, вратите не се заклучуваа, секогаш беа отворени, а ако некој чука на портата тоа значеше дека е туѓинец. Од соседите се позајмуваше сè што треба, и пари, и меѓусебно се помагавме и во добро и во лошо. Свадби се одржуваа во маалото. Сите маала (Маџир маало, Карадак маало, Пајко маало итн.) имаа банди од повозрасни деца, па и возрасни кои меѓусебно војуваа. Ако заталкате во туѓо маало веднаш ви приоѓаа деца и ве прашуваа од кое маало сте и ако сте во кавга со тоа маало, спечалувавте ќотек. Потем се жалевте кај маалскиот водач, кабадахија, кој им враќаше тепање на вашите тепачи и така во круг. Во тоа време денешната населба Пролет беше празен простор и скараните маалски банди таму организираа сериозни меѓусебни тепачки од кои истепаните лежеа во болница. На прашањето кој му го скршил носот или раката, секогаш се одговараше дека случајно паднал во дупка… Сериозен проблем за адолесцентите беше да се фати „женска“ (девојка) од туѓо маало. Каде и да беше ќе го пронајдеа од туѓото маало и ќе јадеше ќотек. Децата обично играа џамлии, челик, фанта, олди, мор, шуга, долга магарица…, игри кои за денешниве деца се непознаница. Се купуваше од гранапи, кои најчесто во излозите имаа поставено слика на Тито, а купувањето прехранбени артикли беше  на „вересија“. Ако некој сосед починеше и имаше „вересија“, тогаш соседите собираа пари и ја расчистуваа. И сега, кога ова го опишувам, тоа изгледа доста занимливо, дури нестварно, но јас почнав да пишувам раскази токму за овие работи што штуро ги наброив. Една збирка раскази беше насловена “Играч на фанта“. Постоеше забуна кај младите читатели кои се чудеа каков е тој играч со фанта, денес освежителен пијалак, а фантата тогаш беше маалска комарџиска игра. А земјотресот самиот јас го преживеав така што сè што напишав за него и скопјаните во и по земјотресот е жива вистина.

Што следно може да се очекува од богатата ризницата на Вашата меморија во која се собрани бројни сеќавања и информации или можеби животот во ова време на пандемија ќе биде тема на Вашата следна книга?

Речиси секој ден пишувам така што неколку романи чекаат ред за објавување. Во главата ми се врткаат неколку теми од моите студентски и докторски случувања, и чекам време кога ќе созреат да ги ставам на хартија. Пандемијата на ковид-19 веќе ја споменувам во некои раскази и би сакал да напишам роман, но мислам дека сè уште е рано бидејќи состојбата со неа сè уште е акутна и трае и крајот е хипотетички, а постојат и многу непознаници, посебно околу нејзината генеалогија.

За крај, од аспект на вашето делување како писател, како би ја коментирале ситуацијава со негирањето на македонскиот јазик?

Морам да го цитирам Достоевски кој за мајчиниот јазик рекол – „дека честит човек не го дава својот јазик и своите обичаи“. Ричард. Л. Кемп, пак, вели дека „Политика е уметноста на создавање на ситуации кои вклучуваат закана за загуба.“ Македонскиот јазик е мој и Ваш, на Македонците, и секое негирање на македонскиот јазик е атака на нас како личности.

Даниела Трајковска