„Во план сме и да направиме копродукција на театарска претстава, дали ќе биде тоа со Театарот во Штип или во Струмица, би требало да одлучиме заеднички, бидејќи со самото тоа се збогатува и културната програма на градовите, а и актерите работат во друга средина со свои колеги кои се оттаму. Таа соработка, за жал, ја има многу малку меѓу нашиве театри, но тоа би требало да стане пракса која ќе функционира“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, во чии рамки функционира Театар Куманово

Сашо Тодоровски веќе пет години е директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, при што заедно со вработените успева да го мапира како главна културна точка во овој град. Претходно, тој повеќе од десет години бил и член на Фондацијата за култура при Општина Куманово, каде што бил вклучен во организација на културните активности во овој град. Исто така, работел и во библиотека, како и во основно и во средно училиште, како наставник по македонски јазик и книжевност, каде што со учениците од драмските секции реализирал аматерски театарски претстави, кои предизвикале голем интерес кај публиката. Во разговорот за весникот ВЕЧЕР ги презентира плановите и активностите на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово за годинава.

Во нашиот последен разговор реализиран на крајот од 2020 година, беа најавени реконструкција и адаптација на Театар Куманово, како и решавање на проблемот со затоплувањето на објектот. Сега, на средината од 2023 година, дали Куманово доби достоинствен објект во кој може да ужива кумановската публика за време на културните настани?

Така, на мое големо задоволство, во текот на 2021 година започнаа долгоочекуваните реконструкција и адаптација на зградата на Театар Куманово. Можам да кажам дека ова е еден исклучително комплексен зафат, имајќи ги предвид првичните градежни активности кои ги започнавме во 2021 и 2022 година, а со кои комплетно ги завршивме првите две фази од реконструкцијата. Би напоменал дека објектот е стар 75 години, при што досега не бил комплетно реконструиран. Затоа, за нас, најважно беше успешно да се реализира првата фаза, која е, впрочем, и најтешка, односно да се завршат главните архитектонски и груби градежни работи во делови на објектот. На тој начин го завршивме и самото зајакнување на објектот. Градежните активности опфаќаа санација и преадаптација на темелите, гледалиштето, сцената, опфаќајќи ги канцелариите, помошните простории, кабините за тон, светло. За 2023 се предвидени 3 милиони и 200 илјади денари, а со тие средства ќе завршиме некои дополнителни работи во надворешниот дел на Театарот во смисла на пристапни рампи за лицата со попреченост, како и некои дополнителни архитектонски работи. Очекуваме дека при крајот на оваа година ќе се обезбедат средства за следната фаза, која планираме да се работи во 2024 година, а со која, според информациите од луѓето што работат на проектот, согласно со предвидената динамика, повеќе од 70 проценти од реконструкцијата би била завршена. За нас, најважно е работата да тече во континуитет. Така што, уверен сум дека за скоро време ќе бидат обезбедени финансии за да може да ја најавиме следната, а воедно и клучна фаза од реконструкцијата, а тоа е промена на покривната конструкција, термотехниката и светлосниот мост. Со реконструкцијата што досега е направена, сакам да истакнам дека двете драми што функционираат во Театар Куманово, македонската и албанската драма, ќе добијат свои простории за работа. Ќе се добијат и веќе се направени дополнителни четири гримиорни, кои досега ги немаше во зградата на Театарот. Во врска со затоплувањето на објектот на Центарот за култура, сакам да кажам дека тука се работи за потреба од доста поголеми финансиски средства и за поголем инвестициски зафат. Како раководство, во партнерство со Министерството за култура, како и со општествено одговорните чинители, разговараме за пронаоѓање начини за решавање на овој долгогодишен проблем, а сето тоа да биде во насока на трансформација на објектот на енергетски план, по современи енергетско-ефикасни стандарди. Сакам да ве уверам дека и овој дел е високо на нашата агенда – како во создавање достоинствени услови за работа на културните работници така и во подобрување на искуството на граѓаните посетители. Секако, моја лична цел, за која сум цврсто решен и од која не отстапувам, е да креираме простор во кој нашите граѓани ќе имаат можност вистински да уживаат во уметноста на локалните, националните и на регионалните творци. Ќе сториме сè што е во наша можност, бидејќи Куманово и кумановци го заслужуваат тоа.

Кои претстави се планирани да се постават годинава во продукција на Театар Куманово и за кога е планирана нивната реализација?

Годинава е планирано да се реализираат четири театарски претстави во Театар Куманово, две на македонски и две на албански јазик. Едната претстава е реализирана, а тоа е „За кого бијат камбаните“ во режија на Мартин Кочовски, чија премиера беше на 3 мај. Таа е централната претстава на Театар Куманово за оваа година, со која воедно прославуваме и јубилеј – 75 години од формирањето на овој Театар. Претставата беше одлично прифатена од публиката и обработува една тема на војната преку која се покажуваат нехуманоста и злото на војната, а, од друга страна, хуманоста и љубовта на човекот во тие околности. Тоа е една голема ансамбл-претстава каде што учествуваат речиси сите актери од Театар Куманово и актери гости отстрана. Режисерот и целата екипа во претставата навистина максимално се вложија за да добиеме ремек-дело кое одамна не е поставувано во нашиве театри. Во моментов се подготвува претставата на албански јазик, која треба да излезе кон крајот на јуни, а кон крајот на август ќе се започне со реализација на претставата „Љубовна терапија“ во режија на Драгана Таневска, која треба да излезе за фестивалот „Денови на комедијата 2023“, во првата половина од октомври. Исто така, ќе биде подготвена уште една претстава, тоа ќе биде претставата за деца „Црвенкапа“ и уште една претстава на албански јазик.

Што, покрај драмската дејност, ќе може да посетат кумановци во Центарот за култура годинава и со кои и колку проекти аплициравте за поддршка до Министерството за култура?

Покрај драмската дејност, Центарот за култура во Куманово реализира и програма како што се изложби, концерти, ликовни работилници за најмалите, уметнички перформанси, промоции на книги, фолклорна и музичка дејност. Во текот на овие два-три месеци, ние реализиравме повеќе од педесет настани. Би ги споменал изложбите на Стефан Јакимовски и на Бобан Стефановски, гостувањето на Националната опера и балет, концертите на „Нокаут“ и на Фунда Али и многу други изложби и мали камерни концерти и работилници. На 25 и 26 мај беше реализиран Фестивалот на прозата 2023, кој по втор пат се одржа во Куманово и на кој беа присутни најеминентните имиња на литературата од Македонија, Србија, Бугарија, како што се Влада Урошевиќ, Елена Алексиева, Даница Вукичевиќ, Калина Малеска, Петар Андоновски, Арлинд Фазири и други. Би сакал да ја најавам и изложбата „Самоуки“ – изложба на самоуки кумановски уметници која се одржува повеќе од 30 години и која секогаш предизвикува големо внимание кај кумановската публика. Тука се и изложбите од годишната програма со поддршка од Министерството за култура, кои се закажани за во јуни, септември, октомври и за во ноември. Сакам да споменам и за гостувањето на Театарот од Плевен, Бугарија, кое се случи на 31 мај, во Центарот за култура Куманово, со неговата претстава „Еден маж и една жена“, за промоцијата на книгата „Авантурите на космонаутко“ на 23 јуни, за целовечерниот концерт на ансамблот „Танец“, за концертот на групата „Фолтин“, кој ќе се реализира на 6 септември и за фестивалот „Денови на комедијата“ кон крајот на септември и почетокот на октомври, за кој подготовките се во тек. Некаде кон крајот на септември треба да излезе и монографијата која се подготвува по повод 75 години Театар Куманово. Ние аплициравме со околу 35 проекти, а ни беа одобрени 30 проекти од годишната програма.

Дали годинава имате најава за некои гостувања во Центарот за култура, но и дали ќе гостувате вие во друг град во нашата држава или надвор од неа?

Најголем дел од гостувањата кај нас ќе бидат на меѓународниот фестивал „Денови на комедијата“, за кој веќе имаме договорено да гостуваат театри од Македонија, Хрватска, Србија, Бугарија и кој од минатата година има натпреварувачки карактер. Според договорот што го имаме, планираме и ние да гостуваме со наша театарска претстава во Плевен во Бугарија идната година, а, исто така, очекуваме да гостуваме и на тековните фестивали што се реализираат во Македонија и во странство. Изминативе три месеци имавме гостувања во Гевгелија, Штип, Кавадарци, Струмица, Кочани – нашата претстава „Секс и лаги“ во режија на Драгана Таневска ги полни салите каде и да гостуваме. Очекуваме да продолжиме со гостувањата и во периодот што следува. Исто така, поканети сме да гостуваме во Велинград, Бугарија, во јули, со нашата изложба „Скици“, каде што учествуваат кумановски ликовни уметници и таа е дел од годишната програма.

 

Задоволни ли сте од посетата на кумановската публика на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“? Дали програмата ги задоволува нивните вкусови?

Секако дека сме задоволни од кумановската публика, која ги посетува нашите настани, впрочем ние и постоиме за публиката. И мора да ја пофалам, таа е една од најдобрите, нешто што постојано го истакнуваат сите што гостуваат во Куманово. Тука особено би сакал да ја споменам и најмладата публика, која е наш верен посетител – и на претставите за неа, и на ликовните работилници и промоциите за книги за неа. Се надеваме дека публиката е задоволна од понудата на Центарот за култура и Театар Куманово. Секогаш можеме и подобро и поубаво и се надевам дека понатаму ќе ја збогатуваме нашата понуда за публиката. Во претходниов период, исто така, приспособивме еден простор во Центарот за култура каде што ќе може да се изведуваат мали камерни претстави и мали концерти. Во периодот што следува, тој простор уште повеќе ќе го добие својот вистински лик.

Како главна културна институција во вашиот град, кои се вашите планови и размисли во насока на тоа Куманово да стане регионален културен центар што ќе ја привлекува и културната јавност од другите соседни градови.

Куманово, како регионален центар, секако, ја исполнува мисијата за која постои. Сакам да истакнам дека ние, како Театар, гостуваме со театарски претстави во речиси сите наши околни градови, а тоа се Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Кочани и се трудиме тоа да биде редовно. Исто така, имаме соработка со голем број од центрите за култура, во Неготино, Кавадарци, Штип, каде што гостуваме со ликовни изложби и со театарски претстави и сакаме да ја продлабочиме таа соработка уште повеќе преку заеднички проекти. Во план сме и да направиме копродукција на театарска претстава, дали тоа ќе биде со Театарот во Штип или во Струмица, би требало заеднички да одлучиме, бидејќи со самото тоа се збогатува и културната програма на градовите, а и актерите работат во друга средина со свои колеги кои се оттаму. Таа соработка, за жал, ја има многу малку меѓу нашиве театри, но тоа би требало да стане пракса која ќе функционира. Како пример ја земам Хрватска, каде што се прават навистина по неколку копродукциски претстави во нејзините театри, и одлично функционира тоа. Убаво е да направиме проект – театарска претстава каде што актери од Штип, Тетово, Куманово, Струмица, Битола ќе играат во една театарска претстава која ќе ја финансираат сите театри заедно или дел од нив и која ќе се игра во сите градови во Македонија, а, секако, ќе гостува и надвор.

Наташа Илиевска-Таневски