„Промоцијата мора да биде соодветна и во таа насока сум фокусирана. Имав чест и голема корист двапати, во 2014 и 2017 да отидам во Јапонија да учам за промоција на дестинации кои содржат културни наследства“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР Регина Икономовска, Координатор за туризам, култура, спорт и др. општествени дејности во Центарот за развој на Скопски плански регион, а која беше и сценарист на иновативниот промотивен филм „Брод со бисери“, кој гради културни мостови меѓу Турција и Македонија. Таа е и иницијатор на бројни проекти за промоција на културното наследство

 

Во септември минатата година во Кинотеката во Скопје беше прикажан долгометражниот филм „Брод со бисери“ во режија на Александар Зиков, а по Ваше сценарио. Што се случи во меѓувреме со овој филм кој предизвика интерес во јавноста?

Се остварија 3 премиери за неполн месец на филмот „Брод со Бисери“, кој претставува нов модел на интернационална и домашна филмска промоција на културно цивилизациски богатства. Првата премиера беше во Тетово, на „Ода фестивалот“, втората во Скопје, а третата на Филмскиот фестивал „Балкан панорама“ во Измир, Буџа, на кој беше избран за прикажување во филмската програма  меѓу 736 аплицирани филмови. Фестивалот овозможи  промоција особено пред публиката која ни беше таргет, бидејќи филмот опфаќа значаен дел од турската историја и се бави со судбините на светските харизми: архитектот Мимар Синан, Принцезата Михримах, Мустафа Кемал Ататурк, теми кои се мошне сензибилни а беа одлично прифатени како поинаков аспект на толкување. Нашата намера е да овозможиме фестивалска промоција, кино-проекции и телевизиска дистрибуција, да го прикажеме и во Јапонија, онаму каде што се роди идејата.

Во што беше иновативноста и атрактивноста на ова остварување, за кое тогаш рековте дека се развива од „почетокот на едно инспирирано патување“ во кое главната личност Регина тргнува на релацијата Скопје – Истанбул, и се враќа назад низ еден избран дел од Македонија, кој всушност е „скриена дестинација“?

Филмот е хибрид, иновативен микс од документарен и игран според нова оригинална методологија. Инспириран е од програма за промоција и маркетинг на дестинации, реализирана во Јапонија од страна на Јапонската Агенција за Меѓународна Соработка – ЈИЦА, кој како нов пристап и таму и овде ги надмина стереотипите на промоција. Во филмот сум проект координатор, сценарист и главен протагонист. Реализиран е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, и административна логистика од страна на Турција, продуциран е од страна на „Деа продакшн“, во режија на Александар Зиков. Зад неговата реализација стои извонреден тим од експерти, музичари, и со еден збор „пријатели“ на филмот.  Скриената дестинација е проткаена со клучни точки кои ги врзува наративот на приказната, во која со техниката на одмотување на клопчето се постигнува момент на изненадување, што до крајот го прави филмот гледлив. Патувањето меѓу Истанбул и Скопје ги опфаќа и Бујукчекмеџе, Тетово, Коџаџик, Битола, Преспа, Охрид, но тоа не е само физичко, тоа се одвива и во свеста низ флешови и затоа имаме и дестинација низ времињата…

Минатата година за Вас беше продуктивна од повеќе аспекти, меѓу кои и како уредник на промотивен ТВ серијал. За што се работи?

Домашната публика втора сезона го гледа серијалот Мастраф Муабет, во кој сум уредник. Тоа е еден мошне корисен и препознатлив проект за домашна промоција на градовите преку познати личности. Реализиран е од продукцијата Маркетинг Микс, со која имам долгогодишна соработка, која е позната токму по теренски проекти, или серијали кои имаат промотивен карактер на националните содржини. Овој проект е роден во лок-даун, но успешно заокружи една убава сезона и еве трае со новата сезона во која стилски подновени, одиме понатаму да ги запознаваме гледачите со убавината, душата и пулсот на градовите, односно со нивните туристички капацитети, историја, култура и економија.

Во 2021 станавте дел од професионалното семејство на Центарот за развој на Скопскиот плански регион кој се грижи за рамномерниот регионален развој, во 17. општини и Градот Скопје. Кажете ни нешто повеќе за неговиот фокус.

Во него сум Координатор за туризам, култура, спорт и др. општествени дејности, работен ангажман во кој можам многу да дадам и да се вложам во сите предизвици, со оглед на долгогодишната работа на терен во областа на медиумите, културата, промоцијата и маркетингот, посебно заради познавањата на Скопскиот регион и градот Скопје, заради скопското потекло и промотивните проекти. До сега имам остварено емисии како дел од разни тв проекти, посветени на Матка, Таор, Говрлево, Нерези, Тумба Маџари, посебни теми за везовите, етносот, фолклорот, архитектурата, ановите, амамите, чаршијата, а бев првата која во рамки на проектот „Чудесна земја“ преку емисија го документираше споменикот, односно турбето и значењето на присуството на последната Босанска принцеза, Катарина Томашевич-Котроманиќ, локално позната како Крал Кзи. Фокусот на овој проект продолжува бидејќи самото место заслужува облагородување, маркирање, заштита и соодветна промоција за која се залагам во моментов, и се надевам на успешна соработка на Центарот како надлежен за регионот и неговите содржини со останатите институциите и општини кои имаат културни и природни богатства како капацитети.

Која Ви беше најинтересната мисија како претставник од Центарот за развој на Скопскиот плански регион?

Тоа беше делегацијата, предводена од Занаетчиска комора на Македонија во чии состав присуствував во Измир, каде предизвикот беше создавање на плоден терен за инвестиции, соработки, збратимувања и зајакнување на културните мостови со пријателска Турција. Во тој делегациски машки свет, случајно бев единствената жена, но рамноправно, братски и професионално прифатена, со посебен пристап и чест како кон единствена дама. Ова го издвојувам визави предрасудите дека тешко е жената да го заземе својот професионален став и да ужива интегритет во машко опкружување или средина.

Сите овие ангажмани и предизвици јавноста и организаторите на настани како „Жени на годината 2021 “, кои ги маркираат личностите кои ја одбележале годината, ве препознаа како „Жена со најголеми достигнувања во областа на културата во 2021“. Кој е Вашиот коментар?

Петнаесет години работам на културното наследство. Сметам дека со ова успехот освен што беше заокружен, овој пат, е препознаен од јавноста и награден. Ние речиси немаме тука обучени промотори за културно наследство. Тоа се обично луѓе на работна задача кои и не можат да направат промоција бидејќи се соочуваат со низа предизвици. Промоцијата мора да биде соодветна и во таа насока сум фокусирана. Имав чест и голема корист двапати, во 2014 и 2017 да отидам во Јапонија да учам за промоција на дестинации – културни наследства. Во 2017 посетата се однесуваше на промоција на заштитеното културно наследство кое е на листата на УНЕСКО, а ретко кој успеал да дојде до такво знаење и да научи како да го промовира наследството. Ова се однесува, на пример, и на промоцијата на културното наследство на Охрид која треба да биде соодветна. Ние имаме археолози и историчари на уметноста, но не сите можат да направат соодветна промоција, независно дали е таа афирмативна, информативна, едукативна, интернационална… Затоа треба да сме вмрежени и да се надополнуваме… (Д.Т.)