“Планиран е концерт посветен на 230-годишнината од смртта на ВолфгангАмадеус Моцарт, потоа се планирани 2 концерти на  дел од нашите првенци и носители на главни улоги, а следува и хорски концерт со оперски делови. Планирана е и една премиера „Игри на животот“ која се надеваме дека ќе оди и со публика доколку ситуацијата со вирусот се смири и за крај секако ја оставаме грандиозната (во случајов скратена) Аида. Планирана е за 31 мај со изведба надвор на платото, ако нè послужи времето“, вели за весникот ВЕЧЕР Мицко Дамњановски, уметнички директор на Операта 

 

Деновиве Националната опера и балет по повод големиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, на официјалниот канал на Јутјуб, онлајн премиерно го емитуваше вокално-инструменталното дело на Џовани Батиста Перголези “Стабат Матер“. Сепак, кога се очекува публиката според протоколите повторно да влезе во МОБ?

Мислам дека направивме една одлична снимка на изведбата на “Стабат Матер“ која ја прикажавме на Велигден и со која целиот тим се гордее. Претстави целосни (мислам на опери) нема да има уште некое време поради здравствената ситуација, меѓутоа концертни изведби имаше минатиов период, има и ќе има. Се трудиме да ги заштитиме вработените, константно преговараме со Министерството за вакцини, работиме според зададените протоколи и засега добро се справуваме. Официјално прва претстава со публика во следниов период би била претставата “Игри на животот“, а веднаш по неа на отворено ги каниме сите да ја погледнат (скратената) претстава Аида на платото пред МОБ.

Мај е месец кога традиционално се одржуваат Мајски оперски вечери. Како е годинава планирано да изгледа оваа манифестација, со оглед дека пандемијата сè уште трае? Дали и годинава како и минатата ќе се реализира онлајн?

Годинава решивме да имаме „Мајски концерти“… Сепак не се класични претстави, туку ќе бидат концерти, иако навистина пред сè како музичар, а во случајов и раководител ми е навистина тешко да признаам дека е невозможно да се одржат “Мајските оперски вечери“. Во честа на овој фестивал ќе ги поканиме сите љубители дел од настаните да ги проследат онлајн, а дел од нив мислиме дека ќе имаат можност да бидат присутни во салонот на Националната опера и балет. Публиката е желна за претстава, посакуваат настани од ваков тип, но навистина би ги замолиле како институција да се стрпат, се надеваме дека многу брзо ќе се вратиме комплетно на сцена и во живо. Сепак засега ќе можат да ги следат сите настани онлајн на нашиот YouTube канал, а ќе бидат редовно информирани за датумите на прикажување на настаните. Планиран е концерт посветен на 230 годишнината од смртта на ВолфгангАмадеус Моцарт, потоа се планирани 2 концерти на  дел од нашите првенци и носители на главни улоги, а следува хорски концерт со оперски делови. Планирана е и една премиера „Игри на животот“ која се надеваме дека ќе оди и со публика доколку ситуацијата со вирусот се смири и за крај секако ја оставаме грандиозната (во случајов скратена) Аида. Планирана е за 31 мај со изведба надвор на платото, ако нè послужи времето.

Во изминатите месеци голем број културни установи, врската со публиката ја одржуваа онлајн. Како го поминавте изминатиот период и дали постоеше можност за некаква работа на сцена и подготовка на нови претстави?

Се трудиме да бидеме во тек, се трудиме да „ја држиме осветлена сцената“, но навистина е тешко да се работи во вакви услови. Сепак, зборуваме за „најголемиот апарат“ во културата и многу е тешко да се работи со толкав број на луѓе. Секако дека се трудиме да бидеме активни и онлајн, меѓутоа со доаѓањето на пролетта и топлото време, ќе пробаме да ја анимираме публиката и на некои алтернативни сцени и надвор од НОБ. Во секој случај ќе бидеме активни летово.

Какви се плановите за наредниот период и што е поддржано со програмата на Министерството за култура?

Оваа сезона 2020/2021 ќе биде малку продолжена за нас. Како што веќе реков ќе пробаме со алтернативна и адаптирана програма да настапуваме на некои места низ Скопје, планиран е настап на Скопско лето, Охридско лето, неколку помали настани на некои несекојдневни и интересни локации… Во секој случај ќе бидеме активни и се надевам дека ќе имаме прилики за дружење и со публиката и со медиумите. (Д.Т.)

 

Гала оперски концерт „Волшебниот Моцарт“ на 9 мај

Прв во серијалот од „Мајските концерти“ е гала оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“ кој ќе биде емитуван на 9 мај  со почеток во 20 часот, на официјалниот јутјуб-канал. Концертот е по повод 230 години од смртта на музичкиот великан ВолфгангАмадеус Моцарт, еден од најгенијалните композитори во историјата на класичната музиката. Неговиот опус е грандиозен и безвремен, со огромно влијание врз музичкото творештво на многумина знаменити композитори по него во минатото и денес. На гала оперскиот концерт ќе бидат изведени арии од делата „Дон Џовани“, „Волшебната флејта“ и „Свадбата на Фигаро“ и „Грабнување од сарајот“. Диригенти се Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.