[Разговор] Мирослав Илиќ: „Прашливи цвеќиња“ е есеј за интегритетот и етиката, момент на себеспознавање

252

Во киното „Фросина“ вечерва (на 14 мај) ќе се одржи македонска премиера на филмот „Прашливи цвеќиња“ (Dust Flowers) по сценарио и во режија на Мирослав Илиќ. Актерската екипа на филмот ја сочинуваат Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак, Христина Цветаноска. Ова остварување веќе има освено две награди за најдобар краткометражен филм на фестивали во Словачка и Турција

Филмот „Прашливи цвеќиња“ e ваш првенец, краткометражен филм во траење од 17 минути. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за содржината на филмот, со оглед на тоа дека сте и негов сценарист и режисер?

Прикажан е комплициран и тежок период на еден млад брачен пар. Леа, сентиментална и млада, има огромна желба за свое биолошко дете и поради тоа е приморана да ја откажа антидепресивната терапија за да може да забремени. Нејзиниот сопруг, Јосиф, не се чувствува исто во врска со тоа и реагира на многу пасивен начин што ја влошува состојбата. Со текот на настаните, Леа пробува да ја реши ситуацијата и доаѓа до големо себеспознавање.

Која беше вашата главна идеја за оваа креација да ја споделите со јавноста?

Многу ме интересира психологија и меѓучовечки односи, па пробав на некој начин голем дел од тоа да вметнам во филмот. Сакав истовремено филмот да биде и еден вид есеј за интегритетот и етиката, моментот на себе-спознавање и желбата за “идеалниот Jас”.

Кога беше сниман филмот, и бидејќи е финансиран од сопствени средства како помина неговата продукција и постпродукција? И каква беше работата во пандемија? Каков беше процесот на работа со актерскиот дел од екипата?

За среќа снимањето на филмот се случи пред пандемијата, при крајот на 2019 година. Иако имавме мал буџет, тоа не ни правеше проблем за време на снимањето. Голем дел од екипата веруваше во проектот и работеше со огромен ентузијазам. Работата со актерската екипа беше предизвик за мене затоа што тогаш првпат работев со актери. Тежината на сценариото бараше одредена посветеност и поголем број на проби, но со помошта и искуството на актерската екипа успеавме да го доловиме тоа. Лично мене, актерските проби, градењето на ликовите и работата со емоции ми се допадна највеќе во процесот.

Во највата за неговата промоција се вели дека филмот досега е влезен во четири официјални селекции на престижни фестивали, а има освено и две награди за најдобар краткометражен филм. За кои фестивали станува збор и кога започна неговиот фестивалски живот?

Веднаш по завршувањето на филмот во февруари годинава, започна и аплицирањето на фестивали. Првата официјална селекција на филмот беше всушност и првата награда за „Најдобар краткометражен филм“ на фестивал во Кошице, Словачка.
Втората награда „Најдобар краток драма филм“ ја доби на фестивал во Бодрум, Турција. Покрај ова, филмот е и во официјални селекции на The Lift-off Global Network во Англија и ФИЛМАЈ во Куманово, како и Филозофскиот филмски фестивал кој ќе се одржи на крајот од месецов во Кинотека на Македонија.

Кои се вашите идни планови? Дали почнавте веќе да размислувате за нов филмски проект?

Засега се фокусирам на правење кратки филмски форми и комерцијални видеа. Но, имам неколку идеи кои би сакал понатаму да се развијат во нешто поголемо и поозбилно.

Можете ли накратко да им се претставите за нашите читатели. И која е вашата преокупација како млад уметник?

Поточно, по професија сум видео монтажер, а покрај ова се занимавам и со кинематографија и режија. Најчесто работам на комерцијални проекти, музички спотови и други артистички лични проекти. (Н.И.Т.)